Последно предупредување од ЕУ

ЕУ бара контрола на партиските активисти, во спротивно да ја заборавиме на неа

Тамара Грнчароска

Амбасадорите на земјите-членки и на самата ЕУ во Македонија вчера побараа преовладување на разумот и спречување понатамошно насилство во предизборниот период, директно упатувајќи апел до лидерите на политичките партии да ги контролираат своите партиски активисти во спротивно евроинтегрирањето на земјава ќе се доведе во прашање.

Наредните денови европските претставници во земјава ќе имаат средби со лидерите на политичките партии, пред се' со Али Ахмети и Мендух Тачи, од кои ќе се бара контрола на партиските активистите и целосна осуда на инцидентите.

„Сите тие го потпишаа Кодексот на фер избори и мора да го почитуваат“, изјави вчера евроамбасадорот во земјава Ерван Фуере по средбата на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, на која учествуваше и претседателот Бранко Црвенковски. Фуере, во име на сите амбасадори, изрази сериозна загриженост. „Инциденти се случувале и порано, но овие избори не се исти со поранешните, очекуваме повеќе од земја-кандидат за членство во ЕУ“, рече Фуере.

За евроамбасадорот „секој инцидент или чин на насилство е лош не само за имиџот на земјата, туку и за иднината на приближувањето на Македонија кон ЕУ“. „Јасно порачавме дека изборите се деветта задача за приближување кон Унијата. Ако работите продолжат на ваков начин, тогаш интегрирањето на Македонија во Унијата ќе биде загрозено“, порача Фуере, кој во име на македонските граѓани на политичките партии и лидери им рече дека тоа не е она што го очекуваат тие. „Овие инциденти мора да се сопрат еднаш засекогаш“, беше дециден Фуере, кој информираше и за средбата со министерката за внатрешни работи на Македонија, Гордана Јанкуловска, од која било побарано најитно да се најдат сторителите на насилствата.

Словенечкиот амбасадор Алан Бергант, како претставник на земјата-претседавач со ЕУ, ги пренесе пораките на осуда на инцидентите од страна на Унијата, но на нашата земја и' ја посочи Србија како пример на земја „која го избра европскиот пат“ со спроведување фер, слободни и демократски избори.

Со своја реакција за инцидентите се огласи и мисијата на ОБСЕ, која изрази загриженост од „влошувањето на безбедносната ситуација во северозападниот дел на земјата од самиот почетокот на официјалното започнување на изборната кампања“. Тие се надеваат дека ќе водат целосна истрага на инцидентите што се случија, но најавија дека ќе продолжат да ги набљудуваат настаните на терен и начините како властите ја раководат ситуацијата.

И американската амбасада вчера се огласи со соопштение за последните оружени инциденти во земјава, велејќи дека „сите граѓани на Македонија мора да бидат слободни да учествуваат во изборниот процес без притоа да бидат застрашувани или подложени на притисок“. „Властите во Македонија мора да ги бранат правата на своите граѓани и да обезбедат владеење на правото, и тоа итно, постојано и транспарентно“, се вели во соопштението од амбасадата на САД, според која „која било политичка партија што ги застрашува кандидатите и гласачите не заслужува поддршка“.

По средбата изјави дадоа и францускиот, германскиот и британскиот амбасадор во земјава, Бернар Валеро, Ралф Брет и Андру Ки, кои побараа запирање на насилството и на „неодговорното однесување на индивидуалци“. „Мора да се сфати еднаш засекогаш дека изборите се битни како препорака за ЕУ“, изјави Валеро.

Претседателот Бранко Црвенковски во обраќањето до амбасадорите упати апел до учесниците во изборниот процес за фер и демократски избори, „а инцидентите што се случија во изминатите два дена да бидат и последни“. Црвенковски ги повика раководствата на ДПА и на ДУИ да се соочат со својата одговорност и да ги смират тензиите меѓу нивните активисти, а од МВР побара брзо и ефикасно откривање на предизвикувачите, бидејќи „секој несанкциониран насилник претставува охрабрување за ново насилство“.

Црвенковски пред амбасадорите говореше и за спорот за името со Грција за што тој рече дека Македонија е решена прашањето да го симне од дневен ред, но оти за тоа е потребен компромис од двете страни. Тој изрази загриженост дека пристапот и политиката на Грција кон нашата земја ќе се преслика од НАТО во ЕУ. Црвенковски ги праша евроамбасадорите дали почитувањето на принципот на „неопходност од градење добрососедски односи“ е обврска само на земјите-кандидати за членство или е тоа обврска и за земјите-членски на ЕУ.

Црвенковски вчера пред амбасадорите, при што беше присутна и грчката амбасадорка Александра Пападопулу, говореше и за нападите на македонските граѓани во Грција што се случија деновиве. Како што се дознава, Пападопулу на тоа одговорила дека инцидентите биле индивидуални, а не политика на државата. Според неа, истрагата на ваквите инциденти е отежната, бидејќи жртвите ги пријавувале инцидентите во Македонија, а не во Грција. На прашањето дали Унијата ќе реагира на нападите во Грција, словенечкиот амбасадор Бергант, во име на ЕУ, одговори дека се' уште се разгледува тоа прашање.