Мислења

Проблемот на Македонија не се Албанците

Махи Несими

Македонците воопшто не ги познаваат Албанците, нивните потреби, квалитети, размислувања, стремежи. Тоа е основниот проблем на земјата

Вонредните парламентарни избори, настаните околу нив, односот на власта, реакциите во земјава и надвор се доволен повод да се нагласат само мал дел од нештата кои треба да ги има предвид секој што ја сака ова држава, а пред се' луѓето кои се занимаваат со политика, вршат државни функции или настапуваат јавно. Со еден напис не е можно да се елаборира сета сложеност на македонското општество, но ќе се обидам да ја скицирам основната слика на секојдневното примитивно тормозење од многуте недораснати патриоти.

Во оваа држава и по 18 години повеќепартиски систем како прв проблем се поставува жалното сознание дека Македонците се' уште живеат со големи стереотипи и предрасуди кон своите сограѓани - Албанци. Читајќи и слушајќи разни политичари, аналитичари и други јавни личности станувам се' поубеден дека Македонците воопшто не ги познаваат Албанците, нивните потреби, нивните квалитети, размислувања и стремежи. Сметам дека, меѓу другото, тоа е основниот проблем што земјата толку години се пржи во зовриениот лонец и никако да тргне напред.



Во 1990 година во Република Македонија се отвори Пандорината кутија од која произлезе сета горчина на земјава. Албанците се појавија и како субјект, бидејќи дотогаш нивниот статус беше одреден во форма на објект кој им пречеше на припадниците на „библискиот народ“. Како недораснатата и тромава шаблонизирана македонска политичка елита, така и револуционерните „полетарци“ водеа бескомпромисна меѓусебна војна кој повеќе ќе ги попречува, омаловажува, оцрнува и манипулира своите сограѓани - Албанци. Токму политичките гарнитури со безрезервна поддршка на македонската државна интелигенција се главните виновници што земјава и ден денес се наоѓа во оваа дереџе. Македонската елита, за жал, не беше свесна каква држава треба да се гради, кои се принципите и стандардите врз кои треба да се гради европската иднина. А тоа чинам дека се' уште не е апсолвирано. Тоа се гледа од изјавите и „гордеењето“ со постигнатиот успех, Албанците меѓусебно целосно да бидат раскарани. Изјавите дека инцидентите на денот на изборите се случиле во делови со мнозинско албанско население се сметаа за троен успех на нивните сценаристи:

1. ВМРО-ДПМНЕ има рецепт како Албанците да се испотепаат меѓусебно на избори (на локалните избори 2000 година кои од позиција на власт ги организираа ВМРО-ДПМНЕ и ДПА имаше убиство во Кондово). По овој повод се потсетувам на изјавата на еден висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ од тоа време (сега не е во Револуционерната организација на врховниот македонски политички дилетантизам), дека во својот живот двапати одблизу видел како се растура државата; за време на претседателските избори 1999 и на локалните избори 2000 година. Двапати се чувствувал немоќен и бил спречен да преземе нешто за заштита на правниот поредок.

2. Потврда на тезата дека Груевски е личноста кој ќе им го скрши ’рбетот на Албанците и заедно со „проверениот партнер и пријател“, на Али Ахмети ќе му го наплатат долгот за конфликтот од 2001 година, со кој им ја наруши заедничката идила во практицирање на власта.

3. Испраќање јасни сигнали во Европа дека Македонија се движи во посакуваната насока, а проблем се единствено некултурните Албанци.



Третиот успех би требало да значи дека Македонците се цивилизирани, културни, созреани демократски итн, додека кај Албанците се' е обратно. Апсурд над апсурдите! Таквите обиди се толку ниски и проѕирни, што светот целосно е изненаден колку антимакедонци има меѓу самите Македонци. Да, таа е сликата што меѓународните претставн��ци ја имаат создадено за македонската политика денес. Во оваа смисла може да се набројат десетици конкретни примери. И на секој странски набљудувач кристално му е јасно дека проблемот на Македонија не се Албанците, туку Македонците. И така ќе биде се' додека самите Македонци не се освестат. Се' додека не се договорат дали сакаат држава? Каква држава сакаат? Дали самостојна? Дали заедничка со други народи? Со кои народи? Нека ми биде дозволено повторно да се присетам на изјавата од 1996 година на еден стар, се' уште многу влијателен вмровец: „Ние не сакавме држава. Не баравме. Ни ја дадоа. Ни ја подарија. Затоа не знаеме што да правиме со неа и тешко ја одржуваме“. Нејсе. Токму затоа проблемот на Македонија е кај самите Македонци, а не кај Албанците.

Да се претстават Албанците во Македонија како нецивилизирани, некултурни, без демократски определби итн. значи отворено признавање дека Македонија и македонските власти се тие што врз албанското население вршеле образовен, културен и цивилизациски геноцид. Вистина е дека до 1990 година тоа и се случувало, бидејќи дотогаш Албанците претставуваа само бројки. Сепак, по таа година, особено по 2001, работите тргнаа кон подобро.



За „цивилизираните, културните и демократски созреаните Македонци“ воопшто не е проблем што на изборите во средините со албанско население работите не биле под контрола!? Па добро, кој треба да ги држи нештата под контрола? Државата, нели? А таа е неспособна!? Можеби има друга цел?! Да ги прикаже Албанците како нецивилизирани, некултурни и недемократи. Таквиот обид е класична Сизифова работа. Таа прикаска е само голема антидржавна заложба. Тоа е признавање на немоќта за државно владеење. Тоа претставува индиректна заложба за создавање реална почва за федерализација на државата или уште за попогубното - за поделба.

Тенденциите за прикажување на Албанците во Македонија како недемократи и склони кон создавање проблеми во текот на изборите, ќе повторам, се чисто губење време и енергија, чисто племенско гордеење и чисто колективно признавање на немоќта за управување со државата. Албанците во Албанија и во Косово, со ситни недостатоци, одржуваат фер и демократски избори. Во тие држави функционира власта и Албанците не прават проблеми. Тогаш, во што е проблемот со Албанците во Македонија? Овде власта ја контролираат Македонците. Значи, таму каде што власта ја контролират Албанците нема проблеми. Каде што ја контролираат Македонците има проблеми. А проблеми има зашто така сака власта!

Ќе повторам. Македонците воопшто не ги познаваат Албанците, нивните потреби, нивните квалитети, размислувања и стремежи. За жал, власта тоа го знае уште помалку. Таа е изгубена во својот виртуелен свет. Посакува само да ја фалат. Се радува и верува кога ја фалат само нејзините пријатели. Да беше пореална и порационална, воопшто немаше да имаме проблеми со изборите. Токму тука е најголемата грешка на власта. За време на студиите во Прилеп, покрај економијата, Груевски требало да научи и да запамти по нешто од народниот умотворец Марко Цепенков. Ако ништо друго барем да ја запаметел неговата мудра изрека: „Со такви пријатели, не ни требаат непријатели“. На овие избори, по се изгледа неговиот посакуван партнер и пријател целосно ги победи сите околни непријатели: и Грците, и Бугарите, и Србите. Е тоа се недораснати патриоти.

(Авторот е новинар и политички аналитичар)