Камерите нека снимаат, ама казни да не пишуваат

Судот за прекршоци не ги смета видеоснимките како доказ, освен ако не издал налог

Горан Адамовски

Видеокамерите на семафорите во Скопје не смеат да ги казнуваат возачите што ќе направат сообраќаен прекршок. Снимките од нивните минувања на црвено светло, непропуштање пешак, непрописно престигнување или цик-цак возење, не можат да бидат доказ пред Судот за прекршоци. Ова го тврдат правниците што ги консултиравме, според кои, без налог од Судот, снимките се неважечки.

Се шпекулира дека токму од таа причина Министерството за внатрешни работи запре со монтирањето на видеокамерите и со поставувањето на Центарот за автоматско управување со безбедноста и проточноста на патниот сообраќај, што требаше да биде сместен во просториите на СВР - Скопје, но од МВР ги демантираат ваквите гласишта.

Иако најголем дел од камерите веќе се поставени на фреквентните раскрсници, булевари и црни точки низ градот, нивната работа се' уште не профункционира. Во МВР тврдат дека нема никакви отстапки од идејата.

„Во превентивата имаме намалување на бројот на сообраќајните несреќи, и во целина, ефектот е позитивен, бидејќи граѓаните се многу повнимателни. Проектот продолжува да се реализира, согласно со динамиката, односно финансиските средства што ги имаме на располагање“, велат од МВР. Планот на надлежните беше недисциплираните возачи што минале на црвено светло, не пропуштиле пешак или направиле каков било прекршок, да бидат снимени на камерите, па дома да им стигне соодветна „честитка“.

„Без налог на судот, видеоснимките не се никаков доказ пред судот, така што возачите не можат да бидат казнети од судија од Одделот за прекршоци, освен доколку таквиот доказ биде наложен и побаран од судот, а за прекршоци таков налог не се издава“, велат адвокатите што ги консултиравме.

Според нив, истото важи и за цивилната сообраќајна полиција, односно полицајците што во необележани службени возила ловат несовесни возачи. Полицајците се возат зад „грешните возила“ и ги снимаат нивните брзи возења и прекршоци во сообраќајот. Штом го снимат прекршокот, даваат полициски сигнал, се појавува таблата „стоп полиција“ и му ставаат до знаење на возачот да запре. Му ја покажуваат видеоснимката и возачот има избор да плати во рок од осум дена, па казната да биде преполовена или, пак, го чека судија за прекршоци.

„Истото важи и во вакви случаи“, објаснуваат адвокатите.

Сосема поинаква е работата кога станува збор за разбојништва, убиства или друг вид криминал кога преку камерите може да се обезбеди важен доказ, секако, само по барање на судот.

Според замислата, камерите треба да бидат мрежно контролирани во Центарот за автоматско управување со безбедноста и проточноста на патниот сообраќај, каде што секоја вечер, надлежните ќе вршеа преглед на денот и ќе ги испорачуваа казните.

Надлежните тврдат дека, пред се', важен бил превентивниот момент, односно стравот на граѓаните дека ќе бидат казнети, па затоа и повнимателно возеле. (Г.А.)


#