Ветото на Самарас дочекано со аплауз во Македонија

Изјавата на лидерот на Нова демократија е оценета како позитивна за нас

Слободанка Јовановска



Се оствари предвидувањето на грчкиот шеф на дипломатијата, Димитрис Друцас: изјавата на лидерот на Нова демократија, Андонис Самарас, дека Грција и' ставила вето на Македонија во Букурешт е дочекана со „аплауз“ меѓу оние што се инволвирани во судскиот процес во Судот за правда во Хаг. Неофицијално, таа вчера беше оценета како „позитивна за Македонија“, иако меѓу доказите што се испратени во Хашкиот суд имало десетина такви од многу порелевантни политичари од Грција, со кои се најавува или објаснува блокадата на приемот на Македонија. Сепак, Самарас е првиот што јасно го употреби зборот вето, наспроти досегашните изјави на грчкиот естаблишмент што зборуваат за немање консензус во НАТО при носењето одлука за Македонија. Колку тежи таквото признание и дали се лизна лидерот на опозицијата, сакајќи да се пофали поради потегот на претходната влада на Константин Караманлис?

Според оцените, Самарас, и покрај се', нема да биде клучен аргумент на Македонија, иако неговата изјава очигледно ќе помогне во дефинирањето на терминологијата. Ниту во Привремената спогодба не стои дека Грција не смее да и' стави вето на Македонија, туку оти не смее да се спротивстави на нејзиниот прием во меѓународни организации под името БЈРМ. Нашите експерти тврдат дека за нас не е релевантно изјаснувањето на другите земји- членки бидејќи тие, за разлика од Грција, не се обврзани со Привремената спогодба да гласаат во прилог на членството со БЈРМ.

„Изјавата е позитивна за нас и може да се искористи. Но, ние и досега имаме приложено десетина изјави на порелевантни политичари, меѓу кои на Дора Бакојани и Костантин Караманлис. За судот е најрелевантно тоа што го кажуваа претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи пред и по Букурешт“, е оцена на македонски експерт запознат со судскиот процес.

Професорот Љубомир Фрчковски, сепак, не гледа причина за оптимизам по настапот на Самарас. „Судот нема да се занимава со тоа имало ли или не де факто вето. Процедурата на вето е прецизно опишана во документите на НАТО и Судот треба да оцени дали таа е злоупотребена. Одлуката во Букурешт е заклучок на сите земји и Хаг, најверојатно, ќе оцени дека не е прекршена процедурата“, оценува тој, тврдејќи дека со оваа изјава на Самарас или без неа, тешко е да се оцени дека Грција формално употребила вето во НАТО.


#