Мислења
Популизмот како маркетиншка стратегија
Ѓорѓи Спасов
Кои се десетте елементи на волшебната формула на популизмот, односно на изборниот „молотов коктел“ со кој популистите победуваат?
Популизмот кај нас се толкува како политика, која е насочена кон измама на народот. Популисти се нарекуваат луѓето што со лага и манипулација се обидуваат и успеваат да ја освојат власта на изборите, па и да владеат со лажни ветувања се' додека не бидат фатени на дело. Но, ако тоа е така, тогаш се поставува прашањето како тоа им успева на популистите? Дали народот е глупав или лековерен? И како да се заштити од популистите?
Многу интересен одговор на овие прашања има дадено аналитичарот од Центарот за либерални студии во Бугарија, професорот Иван Крстев. Според него, популизмот се јавува како редовна појава во општествата во кои кај народот постоело големо незадоволство од претходната власт. Во земјите од Источна Европа популизмот е нус-производ на бранот на демократијата од деведесеттите години на минатиот век. Најчеста цел на популистичката револуција е „да се спречи враќањето на власт на корумпираното малцинство што владеело со години пред тоа. Тоа е маркетиншка стратегија за освојување, пред се', на десницата во посткомунистичките земји. Главна тема на популистите е борбата против корупцијата. Тие користат едноставна и разбирлива формула за народот во однос на она што му се случува. За популистите општеството е поделено на две групи. На обичен народ и на корумпирана елита. Во оваа смисла популизмот успешно го користи и левицата во Латинска Америка. Изборниот слоган на Хуго Чавез беше: „Ајде да се ослободиме од нив“. Кои се тие, знае народот.
Популистите победуваат на изборите како антикорупциско движење. Нивна цел е на изборите корумпираната власт да се замени со чесни политичари. Со тие слогани победуваат низа партии во посткомунистичките земји. Во Полска (Партијата на правдата на браќата Качински), партијата на боксерот Мечијар во Словачка, но и партиите за национално единство на некои други боксери во регионот.
Во реториката на популистите работите се поедноставени.
1. Тие не ја доживуваат корупцијата како проблем на институциите и не сметаат дека решението е во транспарентноста на политиката и во институционалните реформи. За нив, како и за народот, корупцијата е проблем на моралот и за да се ослободиме од неа потребни се само чесни луѓе на власт (морална обнова на општеството).
2. Тие не сметаат дека со антикорупциската политика треба да се обезбеди фер распределба во општеството, туку говорат дека со неа ќе се оневозможат социјалните разлики.
3. Тие не сметаат дека корупцијата е овозможена со тоа што државата е гломазна и што има големи овластувања врз бизнисот и дека решението треба да се бара преку натамошна приватизација и намалување на државната администрација. За нив моќта на приватниот сектор е причина за корупцијата и бараат поништување на (скандалозните) приватизации.
4. Додека во развиените демократии антикорупциската политика се користи за легитимирање и за зацврстување на капитализмот, односно за создавање фер односи на пазарот, популистите се свесни дека во посткомунистичките земји мнозинството смета оти капитализмот е резултат на „заговорот“ против неговите интереси, против интересите на сиромашното население. Тоа мнозинство битката против корупцијата ја гледа како можност да го делегитимира (да го прогласи за незаконски) капитализмот, без да ризикува да биде обвинето за комунизам или за друго.
5. Борбата против корупцијата го прави популизмот почитуван и затоа секој напад против популистите се доживуваа како борба за одбрана од поткупливите и корумпираните.
Бидејќи популистите ја сфаќаат политиката како судир меѓу народот и елитите на власт, тие ��војата популарност ја градат врз недовербата кон политичките елити. Нивната победа на изборите често е сфаќана како победа на народот со револуција. Затоа тие, кога се на власт, ги слабеат институциите на либералната демократија, на независното судство, централната банка, независноста на медиумите и слично.
Популизмот, често од неговите противници, пред се', од приврзаниците на либералната демократија, со право се означува како недемократски. Но, познатиот политиколог и професор Ралф Дарендорф вели дека „во политиката она што за некого е демократија, за друг е популизам, и обратно“. Затоа, денес во Македонија она што власта го прави - за неа е демократија, а она што опозицијата го прави - е популизам. И обратно. Популизмот како маркетиншка стратегија користи повеќе силни инструменти.
1. Користи емотивен, поедноставен и манипулативен јазик кој е насочен кон раздвижување на емоциите. А емоциите се тие што ќе го натераат човек да дејствува политички во определена насока. Гласачите, едноставно те сакаат или не те сакаат, независно од твојата програма.
2. Нуди постојано широко прифатливи политики, мерки (најчесто, нереформистички) со кои може да се купи поддршката на народот.
3. Тој ја користи терминологијата на „конспирацијата“ на тајниот заговор. На пример, ако некој паднал (можеби со авион), тој не прашува како се случило тоа, туку „кој му го направи тоа на човекот“, тој не прашува „зошто сме сиромашни“, туку „кој е виновен за тоа што сме сиромашни“.
4. Тој не е против избори. Тој ги сака изборите зашто често победува на нив со своите методи.
Со други зборови „демократската маска, привлечност на популизмот, ја неутрализира критиката кај масите за неговата недемократичност“. Во определен момент, едноставно, тоа народот го сака.
Кои се десетте елементи на волшебната формула на популизмот, односно на изборниот „молотов коктел“ со кој популистите победуваат?
1. Артикулација на автентичната лутина на народот. Предводење на револтот против елитите поради изневерените очекувања, неостварените ветувања, корупцијата, привилегиите и слично.
2. Манифестирање на невоздржана омраза кон елитите во општеството. Нивно криминализирање (обвинување за нечесност и криминал) и ветувања за нивно апсење.
3. Замаглена политика (оправдувања за сите политики и однесувања по освојувањето на власта, што ќе зависи од околностите.
4. Економски егалитаризам. Грижа за осиромашениот и напатен народ, ветување за економска еднаквост. Ветувања за прераспределба на народното богатство кое ќе се земе од оние што го ограбиле).
5. Страстен (и јасен) радикализам. Радикални промени, преродба, пресврт без милост, без одложување. Пресметка со оние што погрешиле, особено од претходниот режим, лустрација, досиеја и слично.
6. Балансиран (умерен) евроскептицизам и антикапитализам. Треба, но не мора по секоја цена во ЕУ, можеме, ако треба и сами. Националните ресурси да се вратат во сопственост на државата, да не се експлоатираат од странски компании и од домашни олигарси.
7. Културен конзервативизам (жената треба да раѓа, црквата нуди спас, одбрана на кирилицата, одбрана од културниот империјализам...)
8. Деклариран (јасен) национализам. Да се врати националната гордост. Обновување на митовите. Градење споменици, прослави, помени.
9. Прикриена ксенофобија (шовинизам). Владата да не зависи од никого. Никој да не може да ја уценува. Малцинствата и имигрантите се опасност што треба да биде под контрола.
10. Антикорупциска реторика.
Во не��ои земји на Латинска Америка, во кои левите партии победуваат со својот популизам, успеваат, пред се', поради опасноста од враќање на колонијалните режими, револуционерната доследност и да ја задржат власта на долг рок. Но, во посткомунистичките земји, во кои обично десницата доаѓа на власт како популистичко, но и револуционерно движење (како браќата Качински во Полска со нивната Партија на правдата, поранешниот боксер во Словачка, Мечијар, и многу други), обично ја губат власта по првиот мандат.
Еден од најинтересните примери во таа смисла е Националното движење на Симеон Втори во Бугарија (НСВД). Ова движење, кое доби дозвола на само три месеци пред изборите во 2001 година, ги победи двете партии кои дотогаш сметаа дека ќе се менуваат на власт само меѓу себе. Неговата програма се сведуваше на ветувањето дека ќе обезбеди морална обнова на бугарското општество и оти ако царот стане премиер, со неговите врски на Запад, тој ќе го забрза приближувањето на Бугарија кон ЕУ. Но, таа партија по четири години ги изгуби изборите, а на последните избори, неодамна, не освои ниту еден пратенички мандат. Ова покажува дека никој не треба да се надева на сто години власт, бидејќи во посткомунистичките земји власта многу полесно се освојува отколку што се зачувува. Причина за ова е што ветувањата на популистичките партии кои победуваат, обично се многу поголеми од можностите за нивно остварување и што секоја власт расипува, а апсолутната власт на популистите расипува апсолутно.
Проблемот на земјите во кои еднаш победило популистичко движење е во тоа што кога тоа победува на избори, најчесто манифестира желба за радикални (револуционерни) промени, а освоеното мнозинство го смета како основа за делење револуционерна правда. Тоа е секогаш антилиберално во својата основа и ги загрозува темелите на демократијата. Зошто?
1. Поради големата желба за брз, видлив успех во борбата против корупцијата (ја загрозува независноста на судството), го партизира, поставува свои лица во државната антикорупциска комисија, која има задача да се справува само со корупцијата на лица од претходната власт и го урива клучниот елемент за заштита на човековите права и слободи.
2. Медиумите ги претвора во свој инструмент за пропаганда и пресметка со неистомислениците.
3. Мнозинството што победило на изборите станува привилегирано (воведува тиранија на мнозинството врз малцинството).
4. Сите инструменти на власта ги користи за „криминализација“ на опозицијата и за нејзино дополнително уништување - враќање кон еднопартиски систем.
5. Создавајќи систем без политичка и судска контрола, лесно влегува во корупција и обезбедување средства за сопствено одржување на власт (преку создавање роднинско-пријателски круг во и со бизнисот).
Таквите режими стануваат арогантни кон внатре и агресивни кон надвор. Често доведуваат и до загрозување на меѓународниот углед на земјата. Единственото ограничување за нив се меѓународните норми и стандарди и мониторингот, контролата и притисокот од меѓународните политички и економски институции кон владата на таквата земја, што може да биде политичко, економско, а по потреба дури и воено.
Промената на таквите режими е болна и бавна. За време на својот мандат (како и другите видови авторитарни режими), тие оставаат многу простор за политички реваншизам и за обновување на маѓепсаниот круг на омразата и злото. Во борбата за освојување на власта или за нејзино зачувување, таквите режими ги загрозуваат основните човекови права и слободи на многумина и доведуваат до уништување на кариери, бизниси, па и животи. Оттаму, потребна е голема умешност на оние што ќе ја освојат власта по нив, да создадат амбиент во кој целото општество ќе почне да се враќа во нормалноста и во кој ќе владее правото, а ќе се намалува кругот на омразата до нејзиното исчезнување. Ако едни популисти бидат заменети со други, тоа нема ја оддалечи земјата од нејзината почетна точка во развојот.
(Авторот е универзитетски професор)
|