Старите возила носат нови главоболки
Бугарските возила произведени пред 1994 година не може да се легализираат во земјава
Александрија Стевковска
Бугарските возила никако да се закитат со македонски регистрации. Имено, автомобилите увезени од оваа соседна земја, произведени од 1988 до 1994 година со Еуро 1 стандарди, увозниците не можат да ги легализираат, бидејќи не се компатибилни со условите за увоз содржани во Правилникот за увоз на стари возила.
Така, се доаѓа до ситуација владината одлука да нема позитивен исход за граѓаните кои увезле возила од Бугарија, бидејќи таа беше донесена најмногу токму за таа цел, легализација на бугарските автомобили во земјава.
„Беше објавено дека ќе можат да се царинат и увезуваат сите возила што исполнуваат Еуро 1 стандард, со мала предност на сите возила со бугарски таблички. Меѓутоа, тоа не е вистина. Јас сум сопственик на такво возило, побарав да извадам тив - таканаречен стандард на возилото без кое не може да се царини или увезе во нашата држава. Од германска страна добив образложение дека тоа не можат да го издадат, бидејќи колата имала Еуро 1 стандард. Таа е произведена пред 1995 година, а македонската Влада не дозволува да може да се увезат, односно царинат такви возила. Што да прават сега македонските граѓани, сопственици на бугарски возила? Да ги фрлат и запалат или да ги вратат во Бугарија и да ги продадат таму речиси за без пари“, револтиран е еден сопственик на возило, кој по и-мејл се пожали во нашата редакција.
Ова го потврдуваат и увозниците на половни возила. „Најголем дел од бугарските возила се со датум на производство пред 1994 и поседуваат стандарди кои не им дозволуваат легализација во земјава, иако Владата најави дека ќе направи промени во Правилникот, кои ќе овозможат токму овие возила да се регистрираат со македонски таблички. Сепак, со строгите правила за увоз сме ставени во ситуација бугарските возила да продолжат да се возат со бугарски таблички. Освен проблемот за неможност да се пререгистрираат бугарските возила, давачките за увоз на стари возила речиси не се променети, што влијае на тоа крајните продажни цени сега да се исти, па купувачите не се воодушевени од она што треба да го платат за да се ’подноват‘ со стари возила и често се откажуваат од таа своја намера“, вели Љупчо Трајковски, увозник на половни возила.
Од Министерството за економија, кое е доносител на одлуката за либерализирање на правилата за увоз на стари возила, засега не најавуваат дополнително олабавување на условите за увоз. „Возилата кои не ги исполнуваат условите за увоз наведени во Правилникот не можат да се легализираат тука. Засега нема можност за дополнително олабавување на критериумите за увоз, бидејќи тоа не е побарано од нас. Процедурата за менување на некои одлуки подразбира свикување на состанок и разгледување на иницијативата за промена на условите за увоз на половни возила. Досега немало таква иницијатива“, вели Селвет Барути од Министерството за економија.
Автомобилите постари од 1995, кои не можат да ги исполнат техничките критериуми, имаат рок за пререгистрирање до септември, бидејќи потоа ќе стапат во сила законските мерки предвидени со царинскиот закон, односно ќе биде дозволен престој на возила во земјава со странски таблички од само шест месеци во годината. Доколку до септември сопственици на овие возила не ги пререгистрираат, ќе плаќаат и казни. Согласно со измените на Правилникот за увоз на стари возила, до средината на август 2010 се овозможува увоз на патнички возила со Еуро1 стандард, односно, зависно од моделот, на возила со старост и до 18 години. Во следните шест години е овозможен увоз на возила кои исполнуваат Еуро2 стандард.
Инаку, намалените давачки кон државата по основа на царина и акциза за увоз на стари возила, наместо да го оштетат државното кесе, тие дополнително го полнат. „Царините за увоз на возила се намалени, но зголемен е увозот на автомобили, што дава позитивен финансиски ефект за буџетот. Така доколку за цела година лани се увезле 2.900 половни возила, сега, од 13 март до 10 мај се увезени 13.658 возила, од кои се оцаринети 13.165 возила. Од нив само околу 1.000 се нови возила. Зголемувањето на масата за царинење ги зголемува и приливите од давачките за државата“, вели првиот човек на македонската Царина, Ванчо Каргов. Што се однесува до незабележителната промена во крајната цена на возилата, како резултат на намалените царини, Каргов го објаснува тоа со малиот процент на намалување на царините за европските автомобили, од 2 на 1 процент. (А.С.) |