Владата и' дава на Атина нова „муниција“ за вето

Премиерот, според невладина оцена, влече контра потези од оние што ги бара Европската унија

Миркица Поповиќ

Македонија може да не добие датум за преговори во јуни поради неисполнување на критериумите, а не само поради спорот за името, ако Грција реши да го искористи тој аргумент, сметаат во Македонскиот центар за европско образование, кој врши постојан мониторинг на работата на Владата и на институциите. Според нив, потезите на Владата и на премиерот се спротивни од барањата на ЕК во документот за приоритетите, што изгледа како намерно инаетење со агендата за евроинтеграција.

Примерите за контрадикторно однесување на Владата во однос на барањата на ЕК во претпристапното партнерство се многубројни. Еден од главните приоритети е промовирање конструктивен дијалог и политички консензус во демократските институции, но клучниот елемент, измените на деловникот за работа на Собранието до денес не е донесен. ЕК бара, исто така, непречено функционирање на Националниот совет за евроинтеграции, но токму пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат работата на Советот. Сличен проблем постои и во Комитетот за односи меѓу заедниците во парламентот, чија работа веќе подолго време е блокирана од ВМРО-ДПМНЕ и неможноста да се обезбеди кворум за работа.

Владата не ги послуша ниту препораките на Високиот комесар за национални малцинства за ОБСЕ за внимателно воведување на албанскиот јазик во основните училишта и со претходен договор со коалиционите партнери, кое создаде хаос во образовниот систем во државата.

Во делот за борба против корупцијата, јасно стои дека е потребна ефективна имплементација на Законот за судир на интерес и спречување на конфликтот на интереси, но од неодамна директор на Агенцијата за мобилност е ќерката на поранешниот министер за финансии, Трајко Славески, а одекна и случајот со вработувањето на вицепремиерот за евроинтеграции, Васко Наумоски, на Правниот факултет. Владата на сите хонорарци-државни службеници им вети дека ќе бидат вработени, иако ЕК јасно порача дека не се дозволиви вработувања и унапредувања со партиски влијанија.

Проблем постои и со Законот за државна помош, кој, генерално, е усогласен со европското законодавство, но е дополнет со антиевропски подзаконски акти, па се предвидува и државни претпријатија, кои не вршат услуги од општ економски интерес и не се квалификуваат за таква помош, да се протнат под капата на законот. Така, наспроти барањето на ЕК за подобро трошење на јавните средства и нивно насочување за развој, како и за подобрување на јавните услуги, Владата и парламентот ги трошат јавните средства за покривање на загубите на јавните претпријатија на таков начин што нема да доведе до нивна финансиска консолидација, а води до нелојална конкуренција.

Според МЦЕТ, наместо да се инвестира во инфраструктура за подобрување на животната средина, се инвестираше во планот за „Скопје 2014“. Вакви чекори, спротивно на се' што е наведено во пристапното партнерство, се и смените во синдикатите, инцидентот во Шуто Оризари додека трае Декадата на Ромите и се работи за нивна подобра интеграција во општеството. Врв е Законот за антидискриминација, иако во партнерството јасно се нагласува дека сексуалната определба е неделив сегмент од него.

Во МЦЕТ сметаат дека поради негативниот тренд подобро е Македонија побрзо да биде ставена на дневниот ред на самитот и да биде донесена одлука за препораката место да се одолжува и дека таа порака треба да му биде пренесена на шпанскиот министер за надворешни работи, Мигуел Анхел Моратинос, кој денес ќе престојува во Македонија.


#