Пукано во куќата на член на СДСМ

ПРИЛЕП - Блаже Т., викан Пајпузот (47) од Прилеп, вчера еден час по полноќ пукал со пиштол во куќата на прилепчанецот П.М. (27), член на ОО на СДСМ. Инцидентот се случил додека нападнатиот со пријателот влегувал во својот дом.

„Блаже Т. со ‘ауди А4‘ застанал пред куќата на П.М. на улица „Моша Пијаде“. Тој го отворил прозорецот и со пиштол испукал еден куршум што завршил во фасадата од куќата на активистот на СДСМ. Во тој момент тој и неговиот пријател влегувале во куќата, а очевидци на настанот се мајка му и сестра му“, велат од битолската полиција. Извршен е увид и моментално се трага по осомничениот сторител, против кого се очекува да биде поднесена пријава. Според полицијата, на овој огнен инцидент му претходела вербална расправа меѓу П.М. и осомничениот што се случила во прилепската болница. Расправијата во еден момент прераснала и во физичка пресметка на паркингот пред болницата. Кога по 10-ина минути си дошол дома, Блаже Т. испукал еден куршум, кој завршил во фасадата од куќата на П.М. (Мн.Т.)


#