Шок по крвничката пресметка со ножеви

Двајца средношколци избодени со нож во близина на „Орце Николов“

Горан Адамовски

Банална расправија за омилениот кошаркарски клуб прерасна во борба за живот. Двајца средношколци се прободени со нож во тинејџерска расправија во близина на скопската гимназија „Орце Николов“. Едното од момчињата, инаку син на висок воен функционер, со тешки повреди е задржан во Градската болница, но неговата здравствена состојба се стабилизира. Другото повредено момче по укажаната лекарска помош било пуштено дома. Напаѓачот, исто така, средношколец, за кој се зборува дека бил син на полициски функционер, кривично ќе одговара за нанесување тешка телесна повреда.

Инцидентот кај поранешната американска амбасада, која е практично споена со гимназијата „Орце Николов“ во населбата Карпош, се случи во четвртокот околу 12,40 часот. Штом завршиле часовите на првата смена, група момчиња излегле во дворот од училиштето. Како што велат ученици од „Орце Николов“, едно момче од групата носел навивачки шал на кошаркарскиот клуб „МЗТ Скопје“, во пресрет на дерби-натпреварот со КК „Работнички“ закажан за четвртокот навечер.

„Тогаш поминаа група деца од гимназијата ‘Никола Карев‘, изгледа навивачи на ‘Работнички‘, кои одеа на закажано место да земат маици за натпреварот. Почнаа да се расправаат и да се навредуваат“, велат ученици од „Орце“.

По вербалната расправија, следувала физичка пресметка, во која С.У. (17), ученик во ‘Орце Николов‘, со нож ги пробол Н.С. (16) и А.А. (17), ученици во блиското училиште ‘Никола Карев‘, соопшти полицијата.

Веднаш по инцидентот, напаѓачот побегнал, но набргу бил на разговор во полицијата и против него ќе биде поднесена кривична пријава. Двете повредени момчиња биле пренесени во Градската болница. Едното од нив, А.А., по укажаната помош било пуштено дома, додека Н.С. бил примен со две убодни рани во пределот на срцето и веднаш му била извршена операција.

„Повредениот е во стабилна општа состојба, свесен е и контактибилен, но останува на интензивна нега поради натамошно набљудување“, изјави директорката на Градска болница, д-р Јасмина Чабуковска.

Во гимназијата „Орце Николов“ вчера беа засилени „мерките за безбедност“. Иако немаат свое обезбедување, на дежурните ученици на влезната врата им беше сугерирано да ја држат вратата затворена и да ја отвораат само за време на одморите. Завчерашниот инцидент и натаму е топ-тема меѓу нив. Соучениците на напаѓачот тврдат дека станувало збор за „многу мирно момче“.

„Мирен и повлечен. Навистина не личи на него тоа што го направил“, тврдат тие. Велат дека не знаеле дека со себе носи нож.

Директорката на училиштето, Сунчица Поповска, ни изјави дека училиштето не сноси никаква одговорност за инцидентот, бидејќи се случил на улица, но изрази жалење и неверување за случајот, кој можеше да заврши трагично. Поповска е шокирана што ученици носат нож.

И директорката на „Никола Карев“, Горица Илиoвска, изрази жалење за инцидентот, во кој биле вклучени ученици од втора и од четврта година во нејзиното училиште. Илиовска и Поповска тврдат дека двете училишта немаат свое обезбедување, бидејќи родителите на ученици не успеале да се согласат во врска со тоа.


#