Тоше Проески

Никој не успеа да го замени

Тоше Проески стана синоним на убави нешта - на романтично љубовни песни, на искреност и добрина, достојно за големите верници

Валентина Тодоровска

Се' застана на 16 октомври пред три години. Неверување, страв, тага и сознание дека за лошите работи треба помалку од миг за да се смени сликата за логичните и за праведните нешта. Тоше замина без поздрав, во сон, и тоа е единственото предавство што ни го направи. Замина пред да му се изнарадува на животот, пред да ги оствари своите сништа и да стане светски препознатливо име. Сознанието е вистинско и искрено излегува од под градите - никој не успеа да го замени.

И колку и да се спомнува Тоше, што и да се пишува, сите асоцијации и сите спомени врзани за него можат да се соберат во еден единствен збор, мал по габарит, а голем по значање. Љубов. И тој галопирачки неспокој не исчезнува и на спомнувањето на драгото име, во прошетка по спомените, песните...

Нашиот музички гениј најдобро го пееше јазикот на човечноста, направи пресврт во нашиот етички систем, ни стана заеднички именител, истраен кон сите. Особено кон оние од кои и општеството го криеше погледот.

Да се пишува за Тоше - е најубавата работа на светот. Некако останувате чисти и искрени наспроти неправдите и неусгласеноста на надворешниот свет. Многу често се борите со напливот на чувства што на ситните души им изгледа патетично, а се реалност врзана за Проески - концерти, обожаватели, хуманост...

Тоше беше голем уметник, а неговата автентичност значеше тоа што го има во себе, она по што публиката го препозна и го одбра. Искреноста е прашање на постоење - ти си онаков какво што ти е срцето.

Еден од менаџерите што требаше да му ја води светската кариера, Брајан Тејлор од агенцијата „Пипл ин моушн“, напиша: „Светот остана покус за еден фантастичен глас“. Му прогнозираше светска кариера, дует со неколку светски ѕвездени имиња, музиката во новиот филм на Мартин Скорцезе...

Поради чесната мисла и детското срце, Тоше навистина не можеме да го наречеме мит, зашто да беше жив, ќе му беше непријатно. А празнината некогаш се меша со гнев, некогаш со тага, ама секогаш останува големо чувство на неспокој. На лошо поделените карти на животот, на неправда, на...

Популарниот Харуки Мураками вели: „Смртта не постои како спротивност на животот, туку како негов дел “. Ете така се учиме да живееме без Тоше.

Навистина тоа сознание не' натера побргу да созрееме, да пораснеме, да сфатиме дека постои нешто - и повеќе од живот.

Тоше беше вистински амбасадор на македонската музика. Сите музички фешти надвор од татковината значеа негово етаблирање и уште поголемо екипирање обожаватели, денес членови на многубројни клубови во Европа.

Тоа најдобро го знаат неговите обожаватели низ целиот Балкан. Најревносните се младите луѓе од Меѓународниот фан-клуб „Тоше Проески форум“, кои работат и творат исто како што и тој би правел.

Тоше беше и остана голем, а и самото сеќавање на него не' прави подобри луѓе.

Мирослав Рус - Тихување

„Годишнината од смртта на Тоше Проески ќе ја одбележам тивко, како што и прилега, ќе се сетам на мојот пријател. Ќе одам во Македонската православна црква во Загреб, ќе се помолам, ќе запалам свеќа и ќе му посакам вечен спокој. За мое големо задоволство, во таа црква имам и драг пријател, кој знам, ми го остави Тоше за да ми биде полесно, а тоа е протојерејот Кирко Велински“.

Извадоци од Книгата на жалост



„Не верувавме дека копнежот по тебе ќе не' донесе до „Преображение’. Тука е спокојот, тука сме поблиску до тебе“

Обожаватели од Белград



„И секогаш кога ќе ти го слушам гласот, мислам дека пее ангел“

Марија, Сараево



„Животот е само поминување. Таму каде што си, таму е почетокот на добрината. Чувај ни место“

Софче, Сиднеј



„Ни остави стотици пораки на љубов . Ти благодарам“

Дорис



„Ангелу, синоќа стадионот беше полн, а празен, вечерва манастирот е празен без икона, а полн зашто душата ти го осветлила“

Ангела, Ана



„Господе, фала ти што ме донесе до патот на Преображението“

Девојче



„Беше и остана моја ѕвезда“

Сања



„На врвот на планината сите сме за тебе и секогаш ќе бидеме како што ти беше за нас“

Теодора



„Наша светлина“

Маја, Битола



„Вистинските легенди никогаш не умираат“

Кратово



„Никогаш нема да ми излезеш од душата“

Радојка, Загреб



„Кога солзите би биле зборови, книгата на љубов што ти ја пишувам секој ден никогаш не би имала крај“

Ивона, Ниш

 


#