Казните за клевета водат до автоцензура

Загрижува начинот на кој завршуваат судските процеси, тоа треба да ги обесхрабри новинарите

Жаклина Хаџи-Зафирова

Големите казни за клевета што се изрекуваат во судовите, а се однесуваат на новинари и воопшто на интелектуалци во земјава ќе доведат до појава на некој вид автоцензура кај медиумите, предупредуваат медиумски експерти. Со пресудите и казните за клевета, тврдат експертите, новинарите ќе се демотивираат слободно да ја изразуваат својата мисла.

Според нив, моментно се користат два механизма со кои се скратува критичкото мислење насочено кон јавните функционери, преку „цензурата со замрзнувачки ефекти“ и рекламите во медиумите.

Прашањето што го наметнаа странските претставници деновиве е: ќе стане ли слободата на говорот нов дополнителен критериум за Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ? Темата излезе на површина посебно со последниот случај со пресудата што му беше изречена на професорот Љубомир Фрчковски, на кого му беше изречена казна од триесет илјади евра и објавување правосилна пресуда на местото каде што била објавена колумната, за која премиерот го тужеше поради клевета, навреда и омаловажување.

Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиуми вели дека не загрижува бројот на случаи што се водат за нанесена клевета, навреда или омаловажување, бидејќи нивниот број не е зголемен. Туку загрижува начинот на кој завршуваат процесите. Според него, постојат два вида процеси, едни што се оправдани кога на граѓаните им е нанесена повреда или им е уништен бизнисот. Вторите, вели тој, се тие кога јавни функционери или јавни личности тужат, иако кога прифатиле да станат јавни личности, тие треба да се помират со фактот дека треба да поминат и низ јавна критика.

„Не се толку зголемени тужбите за клевета колку што се зголемени казните кои се астрономски и тоа е проблематично. До скоро се изрекуваа ниски, условни казни и се внимаваше да се задоволат барањата за заштита на честа и нечиј углед. Сега нема таква ситуација, бидејќи казните се огромни. Оваа политика на казнување се нарекува цензура со замрзнувачки ефекти, што е тип автоцензура која ги обесхрабрува новинарите да третираат одредени личности или теми“, објаснува Беличанец.

Тој потенцира дека кога на сето ова ќе се додаде и „големото трошење на власта за реклами“, се користат две средства да се суспендира секакво критичко мислење кон политиките на Владата. Беличанец го оценува тоа како „стандардна технологија на морковот и стапот“. Тој вели дека власта нема разработено стратегија за одбрана од критика, туку моментно има рефлексни реакции.

На автоцензура посочува и медиумскиот експерт Климе Бабунски. „Кој политичар е осуден ако изјавил нешто невистинито на прес-конференција или за нешто што одговорно го кажал во парламентот? А во тоа се состои слободата на говорот, бидејќи оние што ги критикуваат политичарите секогаш ќе ја имаат на ум помислата дека ова што го зборуваат ќе ги однесе на суд и затоа не мора да го кажат тоа што сакаат“, смета Бабунски. За него е поважно тоа што ако новинарите не можат слободно да ја вршат својата професија, во која слободата на говорот треба да им е загарантирана, тогаш тоа е во спротивност со членот 16 од Уставот со кој се гарантира слободата на изразување. „Во спротивно, сите уставни принципи се неважечки“, додава тој.

Бабунски истакнува дека во последните години постои плима на случаи во кои политичарите ги тужат новинарите, уредниците и колумнистите, што треба сериозно да не' замисли како општество. „Слободата на говорот се огледа во медиумите. Ако тие не успеат да ја притиснат власта, не може никој друг. А тоа може да го направат единствено преку слобода на говорот, прозивајќи ја власта и поставувајќи прашања. Која е таа моќ кога ви се скратува правото да го добиете одговорот на прашањата што ги поставувате?“, коментира Бабунски.

Негова оцена е дека, сепак, медиумите не треба да се дистанцираат од ставот на новинарите или на колумнистите и треба да покажат доблест и да застанат во одбрана на оној што ќе биде повикан зборот да го докаже во суд. Тоа, според него, е пропуст на тукашните медиуми.