Андов се повлекува, Петковски не размислува за оставка
Заев од СДСМ смета дека не е време за оставки, бидејќи е потребна активна и силна опозиција
Билјана Јовановска
Со најавата на Радмила Шекеринска, лидерката на опозициониот блок „Сонце - коалиција за Европа“ за повлекување од челната функција во СДСМ, почитувајќи го принципот за одговорност за изборните резултати, како да повлече нога и кај другите коалициони партнери. Во сите партии од левоориентирана коалиција има помали или поголеми бранувања. Многумина во повлекувањето на лидерите ја гледаат својата шанса, своите „пет минути“, но притоа како недоволно да се размислува за партиските интереси. Дали во вакви услови на партиите им е потребно дополнително внатрешно протресување кое ќе има свои последици и врз претстојните локални и претседателски избори? Одговорот ќе си го даде членството кога ќе се направат сите анализи на причините за ваквите изборни резултати, а дури потоа ќе одлучува дали ќе ја прифати понудената оставка на нивниот партиски лидер.
Во постојните услови, кога партиските штабови мора да бидат подготвени за следните избори, јасно е дека предвремените повлекувања на одделни лидери ќе се доживее само како уште една победа на нивните политички противници. Оттаму, нема да зачуди доколку власта максимално се погрижи да ја искористат оваа состојба во своја полза и преку одделни членови да ги потпомогне внатрепартиските бранувања на опозиција.
Зоран Заев од СДСМ, кој се спомнува како еден од можните наследници на Шекеринска, смета дека сега не е време за оставки. „Тоа може да предизвика внатрепартиски делби, ќе отвори нечии лидерски апетити, но сигурно негативно ќе се одрази на партијата. Изборните штабови на коалицијата ’Сонце‘ не се затворени, така што мора да работиме и да размислуваме за изборите кои се за само неколку месеци. Се' друго би било контрапродуктивно, зашто на државата и' е потребна стабилна и силна опозиција“, вели Заев.
Во НСДП на Тито Петковски, внатрепартиските потреси траат подолго, од времето кога се расправаше дали на парламентарните избори партијата ќе има самостоен настап или ќе и' се приклучи на левоориентираната коалиција предводена од СДСМ. Оттаму, барањата за оставка на партискиот лидер не се ни вчерашни, ниту изненадувачки. Во изјавата за „Утрински весник“ Петковски порачува дека за сега не размислува за оставка.
„Изборите се' уште не завршија, така што допрва треба да се направат опстојни анализи за причините за ваквиот изборен резултат. Останувам на она што е запишано во Статутот на НСДП - Централниот одбор ќе свика конвенција на која ќе се гласа за доверба на претседателот, но и на ЦО“, објаснува Петковски.
Се' уште актуелниот потпретседател на НСДП, но и на Владата Живко Јанкуловски има спротивен став: „Лично бев за самостоен настап на НСДП. Не го прифатив понуденото пратеничко место и да бидам во коалицијата ’Сонце‘ зашто не можев во кампањата да го критикувам моето успешно работење во Владата. Меѓутоа, она што го направи Петковски е голем неуспех на партијата и тој сега треба да има доблест да ја признае грешката, да ја отповика одлуката за пристапување кон коалицијата ’Сонце‘ и да си поднесе оставка“. Убеден е дека партијата може да се консолидира доколку претседателот постапи вака.
Постизборни превирања има и во ЛДП, иако, како што вели Андреј Жерновски, партијата нема причини за незадоволство. „Со четири освоени мандати во околности во какви што се одржаа парламентарните избори, ЛДП оствари пристоен резултат. Квалитетот на пратеничката група гарантира жестока и бескомпромисна битка против Груевски и неговата политика. Јован Манасиевски е претседател на ЛДП само една година и лично сум задоволен од начинот на кој ја води партијата и со право очекувам дека неговото време и времето и на ЛДП допрва доаѓаат“, дециден е Жерновски.
Тој ��ели дека согласно со внатрепартиската процедура секој има право да ја иницира оставката на лидерот, но познавајќи го составот на ЛДП, убеден е дека таквите идеи ќе доживеат неуспех. Тоа деновиве го прави ексминистерот за труд и социјала Стевче Јакимовски, кој смета дека Манасиевски треба да понесе одговорност.
Претседателот на Либералната партија Стојан Андов самиот најави повлекување од челната позиција, но не поради изборните резултати, туку затоа што за еден месец му истекува мандатот. Во ЛП веќе има претенденти на лидерското место, меѓутоа, и по промени на врвот, пратеникот Андов нема да го менува курсот.
„Јас сум избран како кандидат на ЛП, која е дел од коалицијата ’Сонце‘ и немам ни причини ни намера да ја менувам страната. Имаме програма и здрава ориентација, така што ќе дејствувам опозиционо“, објаснува Андов. |