Проблематична изградбата на спомен-куќата на Тоше Проески

Сопственикот на спорниот објект „Мотелче“ кај Гумење бара да му се исплатат 105.000 евра

БИТОЛА - По завчерашната реакција на граѓани на Општина Крушево кои преку соопштение информираа за формирање Иницијативен одбор кој бара поддршка од сите граѓани и надлежни институции на Република Македонија со цел да се преземат конкретни мерки за итно расчистување на имотноправните односи со сопственикот на објектот „Мотелче“ кај Гумење, што е пречка за почеток на градежните работи за старт на спомен- куќата на Тоше Проески, се огласи и битолскиот бизнисмен Пеце Пановски, сопственик на спорниот објект, кој категорично ги отфрла обвинувањата дека токму тој е виновникот за доцнењето на изградбата.

-Не сум пречка за изградбата на спомен-куќата на Тоше, вели Пановски по информациите дека како сопственик на објектот „Мотелче“ на Гумење во Крушево, каде што се планира изградба на спомен-куќата, бара нереална сума пари. Пановски објаснува дека како поранешен пријател на Тоше прв се согласил со идејата за изградба на ваков објект, по што побарал процената за вредноста на објектот да ја направат овластени проценители. По нивниот увид проценителите утврдиле дека вредноста на објектот е 150 илјади евра, а тој како сопственик бара 70 отсто од сумата.

Пановски вели дека со желба да се реализира намерата за градење на споменикот се откажува од загубата за нереализираниот бизнис, бидејќи своевремено објектот го купил токму за таа намена. „Не барам средства како што се договоривме за иден изгубен бизнис. Во тој објект за овие шест- седум месеци сигурно дека овие пари што сега ги барам да ми се платат ќе ги извадев со работа“, додава Пановски. (А.Б.)