23.07.2012, 16:26
Грчки весник најавува иницијатива на ОН за името



„Според весникот „Македониа„, во септември Македонија ќе бара признавање на уставното име во генералното собрание на ОН

Од нашиот дописник
Миркица Поповиќ

Атина - Обединетите Нации ќе промовираат нова иницијатива за излез од спорот за името, тврди солунскиот весник „Македониа“ непосредно пред посетата на медијаторот Метју Нимиц. Според весникот, намерата на ОН доаѓа во исто време кога владата на македонскиот премиер Никола Груевски се подготвува во септември, на Генералното собрание на ОН, да побара признавање под уставното име, како и да постави барање пред Советот за безбедност на Грција да и се наложи да ја почитува пресудата од Хаг.

Со овие спектакуларни тврдења весникот ја најавува посетата на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун и на медијаторот Метју Нимиц во Македонија. Засега во грчките медиуми не се крева голема врева за посетата на медијаторот, кој во четврток во Солун ќе има средба со грчкиот преговарач Адамантиос Василакис, која според грчкото министерство за надворешни ќе биде „информативна“, со цел грчката страна да слушне какви позиции му биле претставени на Нимиц во Македонија.

Како што коментира солунскиот весник, грчката влада е свесна дека ќе има нови притисоци во следните месеци за да се реши името, со цел тој да не влијае на приемот на Македонија во ЕУ и НАТО. Повикувајќи се на дипломатски извори, весникот посочува дека држави како Германија и Австрија гледаат позитивно на приемот на Македонија во ЕУ од геостратешки причини, а дека Турција упорно работи за промовирање на амбициите за прием на нашата држава во НАТО. Според весникот, од овие причини, грчката страна ќе покаже конструктивно расположение за секоја иницијатива што ќе се презентира, без тоа да значи дека ваквата ситуација во старт не делува застрашувачки за грчката дипломатија. Меѓутоа, како што се вели во анализата, економската криза и политичките и социјалните услови не оставаат мноу простор за компромиси за прашањата од надворешната политика.

Солунскиот весникот ја прикажува и политичката ситуација во Македонија, потенцирајќи дека се намалува разликата меѓу владеачката ВМРО и опозициските партии, како и дека за прв пат опозициските партии се обединуваат и со тоа создаваат нови услови на политичката сцена. Според „Македониа“ главна тема околу која се вртат разликите меѓу владата и опозицијата е политиката на антиквизација и креирање споменици низ целиот град.