16.09.2012, 17:24

Деканите се нацртаа на молитва за академската година

На поканата за молитва се одзваа мал број студенти и професори. На литургијата дојдоа ректорот на УКИМ и деканите

Даниела Трпчевска


Со молитва и остри критики за атеистите вчера на Богословскиот факултет во Скопје за првпат се одржа црковна молитва на стартот на новата академска година. Поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан кој ја предводеше литургијата што ја организира УКИМ, поточно Православно-богословскиот факултет, на присутните им рече дека религијата не треба да се плаши од научните вистини, а науката не треба да заборави дека Њутн, Ајншјан, Тесла биле религиозни и за се' што постигнале му благодариле на Бога.

„Сите што се против денешната молитва го оспоруваат делото на нашите просветители Свети Кирил и Методиј, првиот наш универзитет кој беше место за молитва, првата книга на македонскиот јазик беше молитва. Со денешната молитва немавме за цел никого да присилиме да дојде или пак да го направиме верник. Секој е добредојден. Богословскиот факултет е придружен член на Универзитетот. Можеби доликуваше повеќе сите да отидеме на Универзитетот. Уште има такви кои на други не им даваат да дојдат“, рече г.г Стефан, критикувајќи ги сите оние кои што изминативе денови го оценија одржувањето на молебенот како упад на верата во образовниот процес.

На поканата на ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, за молитва на првиот академски час, се одзваа мала група на студенти, а иницијативата предзвика полемики и меѓу професорите. Освен ректорот и деканите на речиси сите факултети, на литургијата во црквата „Свети Јован Крстител“ и во Богословскиот факултет, се појавија само неколкумина професори. Пред вратите пак, со транспаренти во рацете, против овој чин реагираше здружението „Слободен Индекс“.

„Истапуваме денеска со ваква реакција погодени од бизарноста на сета ситуација. Статутот е пишан со идеа и смисла, како ли на ум ви падна ваква мисла? Кој од денеска автономија ќе брани, кога нејзиниот заштитник пред светот ја срами? Сега молчат сите што треба да станат – знаат добро од чиј џеб се хранат“, изјавија од студентското здружение.

Но според црковниот поглавар Стефан, МПЦ никогаш немала активности на штета на својот народ. Времето и историјата, додаде тој, се најдобар судија за тоа кој повеќе придонесол за науката, културата и образованието и кој оставил потрајни вредности - оние што знаеле за Бога или оние другите. Прашање е како ќе се одрази на идните генерации ваквиот статус на веронауката, како и немањето на духовниците во затворите и во армијата, вели тој и додава дека во тој поглед заостануваме зад сите поранешни ју-републики.

„Колку време уште ќе ни треба да ги разбереме духовните потреби на нашиот народ? До кога со секуларноста на нашата држава ќе се оспорува и она што не е за оспорување. Конечно треба да се разбереме дека секуларност не значи и безбожност. До кога атеистите ќе сметаат дека им припаѓа поголемо право од оние кои се декларираат за поинакви од нив. Затоа што според сите анкетите религиозните се помногубројни од нерелигиозните во Македонија. Тогаш во име на која наука, во име на слобода на медиумите и слични се прави таквиот напад. Сите култури и науки се родени во религијата. Религијата е исконското доживување на светот. Денес, покрај сите постигнувања на науката, религијата има свое место и во животот на оваа и на идните генерации“, вели поглаварот на МПЦ.

Ректорот на УKИМ, Велимир Стојковски, минатата недела до професорите и до студентите упати молба да присуствуваат на молебенот кој ќе го организира Православниот богословски факултет „Свети Kлимент Охридски“ по повод на новата учебна година. Повикот предизвика реакции кај дел од професорите , кои изјави��а дека се шокирани од постапката.

Професорката Билјана Ванковска која беше најгласна во критиките на ваквиот потег, вчера на својот „Фејсбук“ профил одговори на критиките на г.г. Стефан.

„Со оглед на тоа што верските убедувања се лични права на поединецот, а слободата на вероисповеста вклучува и слобода на неверување во ниту една религија, поглаварот на МПЦ може да настапи само во името на својата црква и паства, но не е ниту над Уставот ниту над законите, па ниту над Статутот на УКИМ кој во член 13 забранува верски активности и користење на верски обелележја. Јас сум позагрижена за тоа што ректор ми се заканува со дисциплинска постапка, отколку што г.г. Стефан фрла анатеми за оние кои не се согласуваат со денешниот бизарен почеток на академската година. Ако пораката ми е упатена мене, ќе кажам дека е на погрешна адреса - тој нека си го гледа своето стадо, а јас моите студенти“, вели Ванковска.

Полемика

Г.г. Стефан : „До кога атеистите ќе сметаат дека имаат поголемо право од другите. Уште има такви кои на други не им даваат да дојдат на молитва“

Билјана Ванковска : „Ако пораката ми е упатена мене, ќе кажам дека е на погрешна адреса – г.г. Стефан нека си го гледа своето стадо, а јас моите студенти“