Загубени во бесчувствителноста

Додека јавноста беше згрозена и во шок, премиерот и министрите ставаа камен-темелници

Оливера Војновска


Колку ли треба да се биде опиен од власта за да се премолчи ѕверското убиство на едно момче од страна на полициски службеник што го стори тоа додека ВМРО-ДПМНЕ ја славеше изборната победа? И тоа само на стотина метри од бината на која говореше премиерот и лидер на десницата, Никола Груевски. Каде се заталкани моралните вредности ако власта наместо да изрази сочувство, се дрзна да врши притисок на семејството и да го заплашува за да ја скрие вистинската причина за смртта на нивното чедо?

Згора на тоа, додека јавноста беше згрозена и во шок, премиерот и министрите како ништо да не се случило, продолжија со поставување камен- темелници. Ваквото однесување на власта во експертските кругови се толкува како демонстрација на сила и бесчувствителност.

За универзитетскиот професор социологот Хасан Јашари е очигледно дека е изместена вредносната скала и дека се надминати сите морални граници. „Настанот е стравотен. Владејачката партија покажува моќ и го гледа народот од височина. Таа е горе, а долу не гледа луѓе, туку страдалници. Власта слави триумф и ништо друго не ја интересира. Нејзината победа е толку голема што за неа е неважна судбината на едно момче“, вели Јашари. Притоа, нагласува дека Владата наместо да го крие свирепото убиство, требаше да го каже припадникот на специјалните полициски сили што го стори тоа и првенствено да покаже дека сочувствува со семејството.

„Токму поради фактот што се' случувало на прославата, мораше да има транспарентност. Требаше да се пристапи многу искрено, навреме да се идентификува сторителот и максимално транспарентно да биде информирана јавноста. Недозволиво е тоа што семејството за трагедијата разбрало од медиумите. Владата мораше да им изрази сочувство на најблиските. Но, власта е бесчувствителна и не гледа потреба за такво нешто. Наместо тоа, реши да ги заплашува. Тоа е одлика на тоталитарните режими“, дециден е Јашари.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во кампањата беше да го теши стечаецот, кој јавно се пожали дека е „жртва на транзицискиот политичар Бранко Црвенковски, кој му го уништил бракот“. Јанкулоска го посети наредниот ден откако Црвенковски го изложи на подбив. Но, такво сочувство не покажа за семејството на момчето, чија трагедија е драматично поголема.

Министерката еден ден по убиството на 22-годишниот Мартин Нешковски, држеше прес-конференција на која се пофали: „МВР успешно го спроведе оперативниот план и во целост ги заврши сите обврски за обезбедување на изборниот процес, без проблеми е направено обезбедувањето на гласањето, затворањето на избирачките места и пребројувањето на гласовите“.

Премиерот Груевски, пак, во понеделникот беше на свеченото отворање на базенот во скопски Карпош. „Еве сме на ден по парламентарните избори, во Македонија победи демократијата“, рече тогаш лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Во вторникот Груевски беше на поставување камен-темелник на комплексот „Македонско виртуелно село“. А вчера присуствуваше на почетокот на градежните работи за проширување и реконструкција на булеварот „Св. Климент Охридски“ во Скопје.


#