Државниот долг ќе го урне градежништвото
Груевски демантира дека државата должи 600 млн., но не знае точно колкав е долгот
Билјана Ангеловска
Ќе попуштат ли темелите под тежината на долгот што го има државата кон градежните фирми и ќе дојде ли до уривање на градежништвото во Македонија и покрај зголемената градежна активност во последниов период? Ова прашање се' почесто внесува страв меѓу градежниците, кои иако имаат моментален ангажман, свесни се дека иднината ни оддалеку не им е гарантирана. Дотолку повеќе што работењето без пари, сепак, не може да трае до бесконечност, особено ако долгот за извршената работа почне да се мери со стотици милиони евра.
Колку точно изнесува долгот на државата кон градежните фирми, речиси е невозможно да се прецизира, но директно инволвираните калкулираат со фрапантна бројка од 600 милиони евра. Во нивната груба математика се земени предвид побарувањата за одамна завршените работи, поточно за објекти чии фасади веќе се извалкани од употреба, но и за активностите кои се во тек. Во пресметките се вклучени сите гранки тесно врзани со изградбата, а пресметани се и каматите поради одложеното плаќање за набавка на материјалите, како и каматите на кредитите земени од банките за да се преживее.
Релативизирањето на проблемот што се обиде да го направи премиерот Груевски со изјавата дека долгот на државата кон градежниците не е ни приближно толку голем колку што се говори, никој не го сфати сериозно. Особено што тој не знаеше или не сакаше точно да каже за колкава бројка се работи, а од друга страна тврдеше дека државата си ја исполнува обврската за плаќање на извршената работа со мало задоцнување од само десетина дена!
„Нашите членки реагираат на долговите од државните институции, како што се министерства, јавни претпријатија, агенции, но и општини. Тоа се долгови за три, пет, па дури и седум месеци. Не сакам да шпекулирам за висината на сумата што им се должи. Но, мора да се направи разлика за каква бројка станува збор. Кога се зборува за долг од два или три милиони евра, тоа е многу пари за која било фирма. Но, ако се работи за интелектуална услуга, како што е проектирање, надзор, ревизија на проект, или можеби некој друг вид консултантска услуга, тогаш долгот може да е еден милион денари. Тука веќе зборуваме за чиста пара која претставува огромна сума за некоја фирма, која поради таков долг едноставно може да не ја преживее годината“, вели Никола Велковски, претседател на Здружението за градежништво и производство на градежни материјали при Стопанската комора на Македонија.
Според него, во Македонија има само три до пет проценти големи градежни компании, додека останатите се мали фирми за кои и милион денари се многу пари. Велковски појаснува дека е вистинска катастрофа ако на фирма која има годишна реализација од 500.000 евра не и' се платат 100.000.
Факт е дека државата го раздвижи градежниот сектор. Ги мобилизираше градежниците во една голема активност, која ја започна со изградбата на спортски сали и на бројни објекти од државен интерес, како што се згради на министерства, музеи, културни институции, судови. Но, факт е и дека заборави на својата обврска, да плаќа за извршената работа.
Иако никој од градежниците не сака јавно да зборува за проблемите што ги имаат со ненаплатените побарувања, неофицијално велат дека ако државата продолжи со оваа практика, многу фирми ќе стават клуч на врата. Градежните работници се едногласни дека во најголем дел имаат побарувања стари од почетокот на годинава, а многумина дури и од лани.
„Навистина би сакал да знам на кого му се плаќа со само 10 дена задоцнување. Најискрено би го поздравил тој случај“, вели Велковски и појаснува дека такво нешто практично е и невозможно, поради тоа што за толку време не може да се исконтролира градежната документација во финансиските служби.
„Доставуваме финансиски документи по ситуации и не ни бараме исплатата да биде за 10 дена. Би биле пресреќни кога би ни се плаќало за еден, евентуално два месеца. Не бегаме од обврските, плаќаме даноци, па очекуваме и државата да не' сервисира, односно, инвеститорот да ги испочитува договорните обврски“, вели Велковски.
Вистина е дека сите имаат проблеми, но исплашени да не ја изгубат и онаа работа што ја имаат, молчат, па не инсистираат на исполнување на обврските. Сепак, мора да се признае дека дел од вината понесуваат и фирмите, кои токму поради немањето доволно работа и големата нелојална конкуренција, во договорите сами предлагаат плаќање во рок од 90, па дури и 120 дена. На тој начин тие сами си влегуваат во незавидна состојба.
Веројатно и така одложеното плаќање би можело да се преживее доколку воопшто биде реализирано. Зашто, работењето без пари на подолг период ги исцрпува фирмите.
Тие стануваат немоќни да исплатат плати, а од друга страна, обврзани се навреме да ги плаќаат давачките кон државата, бидејќи за нивното доцнење не се толерирани ниту два дена. Поради тоа се принудени да се задолжуваат со кредити од банките и уште повеќе да се заглавуваат. На тој начин, со себе повлекуваат и други фирми кои се тесно поврзани во работењето, бидејќи долгот кон директните изведувачи, индиректно значи и долг кон подизведувачите и доставувачите со градежни материјали. Така, во затворениот круг никој не е поштеден.
„Проблемот е во тоа што за градежните фирми данокот се плаќа на фактурирана, а не на наплатена реализација. Баравме да се врати наплатата по реализација, но државата остана глува“, вели Велковски.
За надминување на проблемот градежниците предлагаат да се направи мултилатерална компензација меѓу државата и фирмите. Има и друга варијанта, а тоа е државата да плаќа преку обврзници, кои би се ефектуирале во банките. Со тоа веројатно би се согласиле фирмите кои имаат големи побарувања, бидејќи така би реализирале барем дел од нив.
„Потребно е фирмите да ги пријават своите побарувања за да може Комората, како партнер на Владата да посредува и да помогне. Сепак, за да се реши проблемот во отсуство на странски инвестиции, државата мора да ги зголеми капиталните инвестиции во инфраструктурата и на тој начин да го искомпензира својот долг. Оти, ако има работа за првата алка, ќе има и за целиот синџир, ако нема, ќе нема за никого“, појаснува Никола Велковски. (Б.А.) |