Нова катна гаража пред „Пивофест“
ПРИЛЕП - Првата катна гаража во Прилеп со капацитет од 400 возила денеска ќе биде пуштена во употреба, во пресрет на одржувањето на осмиот „Пиво фест“. Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, станува збор за приватна инвестиција вредна 4,5 милиони евра, со која градот добива катна гаража на чие приземје ќе се отвори трговски центар. Објектот се протега на над 13.000 квадратни метри и е лоциран во центарот на Прилеп, на улица „Сотка Ѓорѓиоски“. Инвеститор на новата катна гаража е струмичкиот конзорциум „ГМ оил“.
„Катната гаража ќе ја пуштиме во употреба во пресрет на традиционалниот ‘Пиво фест‘, кога градот е преполн со гости. Оваа инвестиција ќе овозможи простор за 400 возила, што многу ќе го олесни наоѓањето паркинг за гостите, кои ќе дојдат на манифестацијата. Ќе се урбанизира центарот на градот, ќе се разубави и ќе заживее просторот, а со дуќаните и гаражите ќе се отворат нови работни места“, вели градоначалникот Марјан Ристески. Тој најавува дека за неколку недели ќе почне изградбата на нов современ трговски центар со катна гаража, со што Прилеп ќе го реши проблемот со паркирањето во центарот на градот. (Д.Т.)
|