Златко Милошевски нов лидер во Битола

Битола - Златко Милошевски, ексградоначалник на Битола, е нов координатор на ВМРО-ДПМНЕ во овој град. Ваквата одлука на лидерот на партијата, Никола Груевски, ги изненади не само битолчани туку и самите сопартијци. Битката за општински лидер со месеци се водеше помеѓу Горан Тасковски, актуелен директор на битолската пошта, и Кире Крстевски, директор на хотелот „Молика“ на Пелистер. Првиот е поблизок до министерот за одбрана, Зоран Коњановски, а другиот до градоначалникот Владимир Талески. Познавачите на приликите велат дека најверојатно на лидерот Груевски му здосадиле лобирањата и несогласувањата меѓу двете опции чиј предлог да помине за локален лидер, па се решил да пресече и да се одлучи за трета солуција. Со изборот на Милошевски се очекува во голем дел од јавните претпријатија и институции во градот, каде што со месеци управуваат вршители на должност, конечно да бидат поставени директори. (А.Б.)