Реставрирање на „спачек“

Добриот глас се слуша и во Холандија

„Волшебникот од Оз“ од нашето маало направи уште едно чудесно дело. Семејното наследство на Олаф Стројткер од Холандија, по дотерувањето во Скопје, се врати назад како да се симнал од производна лента

Владимир Ристовиќ

Љубителите на олдтајмерите, автомобили што ја кажуваат историјата на „металните кочии“ со октански испарувања, се посебен вид пасионирани колекционери. Тие уживаат во реставрирање и враќање во активен живот на милениците на четири тркала. Такво е и повторното „раѓање“ на „ситроен 2CV“, легендарниот „спачек“.

Ова е приказна за еден олдтајмер и негово реставрирање. За мајсторот што ги минува временските граници. Но, во оваа приказна мајсторот не е од Амстердам, Хановер, Лондон или Париз... Тој е од Скопје. Зоран Георгиевски со години наназад, со голема љубов и внимание ги враќа во живот лимените убавици.

За уметничките вештини на македонскиот „волшебник од Оз“ сосема преку своите македонски пријатели слушнал и Олаф Стројткер, банкарски менаџер од Холандија. Пред една година, Стројткер го донел својот „спачек“ од Хилверсум, Холандија, 2.300 километри далеку од Скопје. Таа далечина и двата дена пат не беа никаков проблем за Олаф за да го разубави својот миленик. Моторот на „спачекот“ беше беспрекорен, само ‘рѓата ја беше зафатила сериозно неговата каросерија. Требаше добар лек и маестрален мајстор.

Оттогаш мајсторот Георгиевски во обновување на семејното богатство од 1983 година („2СV“ бил сопственост на мајката на Стројткер) вложил 900 работни часа. Кроејќи го танкиот лим во оригинален облик, користејќи оригинални елементи, лајсни, светла, прагови, покривно платно… само бојата е од Македонија. Нијансата на оригиналната бела боја ја направи Дејан Арсовски од дуќанот „Босони“.

„Извивањето на форми од ’непослушниот‘ лим напати претставуваше вистински предизвик. Се противеше, одбивајќи да ја следи оригиналната линијата дефинирана од старите преси. Рачната изработка бара големо внимание, истрајност и трпеливост. За да му дадеш душа на лимот, треба да љубиш работата. Да се внесеш со сето битие во неа. Само така добиваш наполно реставриран олдтајмер, верен на оригиналот. Како да сте се вратиле три децении во минатото, во моментот кога излегол од фабриката“, вели Георгиевски.


За љубовта кон популарниот „спачек“, што се негува со децении во неговата фамилија, која прераснала во семејна традиција ни говори Стројткер“.

„Од шеесетите години на минатиот век во нашата фамилија се возат 2CV моделите. ’Спачек‘ имаше татко ми, исто така и мајка ми имаше свој модел, а и јас во осумдесеттите купив сопствен ’спачек‘. Овој што го донесов во Македонија на реставрација е од 1983 година. Припаѓаше на мајка ми, а сега ќе премине во наследство на мојата 16-годишна ќерка“, ни изјави Стројтекр.

Коментирајќи ја работата на македонскиот реставратор на олдтајмери, додава: „Ова е исклучително квалитетна работа, а дури четири пати поевтина, одошто да ја направев некаде во западна Европа.

Моите пријатели во Холандија се љубопитни да го видат ’спачекот‘ по дотерувањето во Македонија. Знаете, добриот глас се слуша многу далеку. На следниот собир на сопственици на ’спачеци‘ што традиционално се одржува на секои две години, секогаш во друга земја, овој примерок ќе предизвика големо внимание. До детали е испочитувана оргиналноста, а изгледа како сега да излегол од фабричка лента“, додава пресреќниот Олаф Стројткер.

Првиот тест овој „2СV“ го имаше деновиве. Олаф Стројткер, заедно со својот пријател Елвир се вратија во Холандија, преку Монако, каде што беа на европска конференција за заштита на банкарските тајни. Ола�� Стројтекр воопшто не се сомневаше дали „спачекот“ ќе го издржи овој долг пат. „Тој е неверојатно издржлив“. Навистина е така. Холандскиот „спачек“ од Скопје, преку кнежеството Монако, се врати дома во Хилверсум по поминати точно 3.397 километри. Тој е уште еден доказ дека за вистинските пријателства, предизвици и знаења нема далечни граници.


#