Србинот Достаниќ нов тренер на Вардар
Ексфудбалерот на Црвена звезда имал помали побарувања од Јаневски
Миодраг Мицковиќ
Некогашниот фудбалер на Црвена звезда, Ратко Достаниќ, кој долго време играше и во Франција, а последниве две години беше тренер на кинескиот прволигаш Далјан, стана нов тренер на Вардар. Тоа е одлуката на новото раководство на клубот по преговорите со него и со поранешниот играч на Вардар и репрезентативец Чедомир Јаневски. Иако речиси беше сигурно дека Јаневски ќе го преземе Вардар, бидејќи дал и начелна согласност, во последен момент е прифатена понудата на Достаниќ како финансиски поповолна.
Достаниќ бил тренер и на Црвена звезда, на Бежанија, на ОФК Београд и на Обилиќ во неговите шампионски денови. Неговата промоција ќе се изврши в понеделник во 12 часот во просториите на Еуростандард банка, кога ќе им биде претставен на новинарите. Истиот ден тој ќе ја изврши и прозивката на фудбалерите на Работнички Кокметал, бидејќи се' додека овој клуб учествува во квалификациите за Лигата на шампионите, тој во исто време ќе биде и советник и ќе му помага во работата на Жикица Тасевски, кој ќе ги води романтичарите на европската сцена. Но, Достаниќ и официјално ќе биде тренер на Вардар заедно со младиот тренер од Белград, Спасиќ, и со Жикица Тасевски. Од друга страна, се' уште не е познато кој ќе биде тренер на Работнички Кометал во новата сезона.
Ратко Достаниќ во наредните неколку дена ќе го скенира сегашниот играчки фонд на Работничи и ќе донесе одлука кои од играчите ќе му се приклучат на Вардар во новата сезона. Дознаваме дека е донесена одлука од сегашниот тим на Вардар да бидат задржани Брага, Мојсов, Емрулаху, Петров, Пеев и Ејупи, заедно со играчите од подмладокот кои играа на последните првенствени натпревари. Сите други се ставени на трансфер-листа, и тоа голманите Јорде Георгиевски и Богатинов, потоа Секуловски, Перендија, Димче Ристевски, Борче Ристевски, Бојовиќ и Бразилците Де Франка и Карлос.
Како што дознаваме, новиот претседател на Работнички и негов спонзор, адвокатот Драган Поповски, деновиве ќе разговара со играчите на Вардар од трансфер-листата и има намера дел од нив да ги ангажира заедно со сите играчи на кои Достаниќ не смета од сегашниот тим на „романтичарите“.
Интересно е дека откази добија сите членови на досегашниот Стручен штаб на Вардар - Дојчиновски, Сетинов, Џипунов и Јовчев, а допрва ќе се донесе одлука кои тренери ќе бидат ангажирани за помладите категории во клубот. |