Инцидент на Клинички, нападнат директорот на заеднички служби

Неофицијално, директорот Нусрет Дема бил нападнат поради нерасчистени сметки

Во директорската канцеларија на Заеднички служби вчераутро дошло до инцидент. Директорот Нусрет Дема, како што дознаваме, бил нападнат од еден од доверителите на Заеднички служби поради нерасчистени сметки. Напаѓачот бил тетовец кој, според неофицијални извори, дошол кај директорот за да расчистат зошто Дема не го исполнил тоа што му го ветил. Во канцеларијата дошло до расправија и вербален дуел, а се шпекулира дека напаѓачот дури се заканувал и со пиштол, но никој не сакаше да го потврди тоа. По бурната караница, директорот Дема го повикал клиничкото обезбедување, кое веднаш реагирало и го отстранил напаѓачот од канцеларијата. По ова била повикана полиција, која го привела напаѓачот и против него се подготвува кривична пријава.

Инцидентот беше потврден во полиција, од каде што велат дека караницата повеќе била вербална, а не физичка и притоа не се споменува никакво огнено оружје. Причина за инцидентот, според извори од полиција, бил неплатен долг на сопственикот на една од трафиките во кругот на клиниките. Караницата ни ја потврди и директорот Дема, кој вели дека во неговата канцеларија едноставно упаднал сопственикот на трафиката спроти Клиниката за хирургија, кој почнал да се кара со него. Дема негира дека му се заканувал со пиштол, но објасни дека веќе шест месеци Заеднички служби бараат оваа фирма да го намири долгот. Според Дема, тој со години нема платено кирија и затоа од Заеднички служби му била испратена фактура за да се намири долгот. (Ј.Ј.)