Кренат во воздух џипот на газдата на пекарницата „Специјал“

Повредени, за среќа, нема, но е оштетена куќата на Славко Ѓорѓиевски и се искршени прозорците на соседните куќи

Даниела Трпчевска

Џипот на сопственикот на познатиот синџир скопски пекарници „Специјал“, вчера рано наутро бил кренат во воздух, во дворот на семејната куќа на семејството Ѓорѓиевски. Детонацијата што се случи околу 2,45 часот ги вознемири жителите на улицата „Моцартова“ во скопската населба Даме Груев. За среќа, повредени нема, но е оштетена куќата на сопственикот на џипот, Славко Ѓорѓиевски, а се искршени прозорците и на соседните куќи. Газдата на „Специјал“ се сомнева дека станува збор за одмазда поради спор за имот што го купил. Од полицијата велат дека преземаат мерки за расветлување на случајот.

Според увидот на полицијата, детонацијата настанала откако непознато лице фрлило експлозивна направа во дворот на газдата на „Специјал“. Силната експлозија го уништи џипот „киа соренто“ и ги скрши прозорците од соседните куќи. Но, ќерката на сопственикот на „Специјал“ раскажува дека експлозивната направа, најверојатно, била поставена на возилото, кое експлодирало само кратко време откако таа се вратила со џипот дома и го паркирала пред влезот.

„Имавме гости од Белград и појдов да ги прошетам до Дебар Маало. Џипот, обично, го вози татко ми, но сега јас го зедов поради гостите. Се вратив дома и само што легнавме, се активираше експлозивната направа“, раскажува таа.

Истото го потврдува и газдата на синџирот пекарници, „Специјал“, кој е не првпат цел на напади. „Ќерка ми вчера го зеде џипот за да прошета со гостите. Кога се вратија дома, ноќта се случи страшна експлозија. Детонацијата беше толку силна што мислев дека куќата пропадна. Помислив дека се запали фурната во пекарницата, која е на првиот кат од куќата. Не помислив на друго. Се стрчав долу за да ги барам протипожарните апарати, но тогаш видов дека се скршени стаклата и дека џипот е уништен“, раскажува Славко Ѓорѓиевски.

Соседите во паника веќе излегле на улица. Седумдесет и четиригодишниот Јован Бачоски едвај спасил жива глава. Тој живее во соседната куќа, која е најпогодена од детонацијата. Експлозијата ги направила прозорците од неговата соба пепел и вистинска среќа е како стаклото не го расекло старецот, кој од претрпениот шок бил речиси во бессознание. Веднаш била повикана Брза помош, која му дала средства за смирување.

„Мислев дека е гром, се скршија одеднаш прозорците и се' се тресеше. Тогаш дојде син ми и кажа дека е експлозија на возилото кај соседите. Тука спиев покрај прозорецот и за среќа стаклото што се распрска не ме осакати“, вели преплашено соседот Јован.

Сопственикот на „Специјал“ се сомнева дека зад експлозијата се крие одмазда поради имот што го купил, а кој претходно бил користен од други луѓе. „Се сомневам во една група, и лани ни беше запалена фурната и ни предизвикаа голема материјална штета. Закани лично не сум добивал, но преку други луѓе допирале до мене“, вели Ѓорѓиевски, кој ја отфрла можноста дека станува збор за пресметка поради долг.


#