30.05.2012, 17:35 Барокната шминка на фасадите досега стопи 1 милион евра
Оваа сума е само за три фасади. Допрва ќе реконструираат и ќе осветлуваат уште најмалку пет
Деспина Трајковска
Дебели сметки за „Скопје 2014“ почнаа да стасуваат и на сметката на Град Скопје. После милионската сума за обнова на оградата на мостот кај „Холидеј Ин“ и стотиците илјади евра за поднова на уште два моста, шестоцифрени суми ќе се исплаќаат и за реконструкција на фасадите на зградите што гравитираат на Плоштадот.
Барокното шминкање на само три објекта во центарот на Скопје чини досега речиси 1 милион евра. Како тргнале работите, ништо чудно таа сума да се зголеми двојно, па, дури и тројно оти во планот на Градот освен обнова на зградите на Плоштадот е зацртана намера во барок да бидат „преоблечени“ и неколку објекти крај Рекорд и на улица „Македонија“. На листата за поднова со барокна фасада се и зградата на некогашна „НА-МА“ и „Метропол“.
Досегашната сума од 1 милион евра (ќе) се потроши за реконструкција на само три објекта. Последниот договорен е оној за фасадата на објектот кој е во продолжение на зградата на „Макпримат“ на Плоштад. За обнова на таа фасада, Градот потпишал договор за изведба во вредност од речиси 300.000 евра. На таа пред неа, пак, веќе се работи. За работна рака и потребниот травертин, травертинско терацо и декоративни префабрикувани елементи, Градот потпиша да плати околу 400.000 евра. Фасадата, пак, на „Пелистер“ со која, всушност, Градот започна со обновата на фасадите како свој удел во „Скопје 2014“ чинеше 250.00 евра. Извесно е дека за сите овие три објекта ќе има и дополнителни трошоци бидејќи е во план сработеното да е видливо и ноќе со помош на осветлување. Досега се знае само дека осветлувањето на фасадата на „Пелистер“ чини 110.000 евра.
Надлежните тврдат немаат прецизен податок за тоа колку всушност Град Скопје ќе го одврзе ќесето и ќе треба да искешира за сите фасади и колку точно објекти планира да поднови во стилот на „Скопје 2014“. Неколку пати досега повторија дека ќе ги реконструираат зградите на Плоштад и околу него, но, листата во меѓувреме им се пресели и на Рекорд. Непознато е и дали е планирано осветлување за сите.
„По завршувањето на јавните повици за изведувач ќе биде познато колку ќе чини обновата на сите фасади и осветлувањето на дел од нив “, изјавуваа во неколку наврати од Градот, притоа, без да информираат колкава е максималната сума која од градскиот буџет е предвидена за оваа намена.
Фасадите прекриени со реклами
И дури Градот троши илјадници евра за нов имиџ на центарот на Скопје, тој никако не сака или не може да изгради механизам со кој ќе ги заштити новите фасади од реклами. На тазе обновената фасада на „Пелистер“ едната половина не е видлива оти со месеци на неа виси рекламно платно. Па, така, оправдани се коментарите дека Градот попусто троши пари кога не се гледа сработеното. Надлежните досега само се согласуваат со констатацијата, но, напоменуваат дека немаат законска можност да му наложат на куќниот совет на зградата да ја отстрани рекламата, односно, да го раскине договорот со фирмата што се рекламира. „Ќе бараме да не се склучуваат нови договори кога ќе истечат сегашните“, велат градските власти. (Дс.Т.) |