Светот гори, Македонија гради куполи
Надградбата на Собранието со еден кат и три куполи, што ќе чини најмалку 17 милиони евра
Оливера Војновска
Во време кога светот се соочува со најголемата финансиска криза во последните 80-ина години, кога меѓународните финансиски институции излегуваат со најпесимистички прогнози и кога силните економии се многу сериозно загрижени, власта во Македонија гради куполи. Изградбата на трите куполи на Собранието - една огромна, централна, која ќе ја надвишува зградата и две странични (проект кој партијата на премиерот Никола Груевски почна да го турка набрзо по промената на власта во 2006 година), според најавите, треба да стартува по завршувањето на двојните избори, а реализацијата ќе ја чини државата најмалку 17 милиони евра. Стручната јавност проценува дека реконструкцијата на парламентот по примерот на Бундестагот, најверојатно, ќе биде најскапата инвестиција од буџетски средства. Инаку, идејата за реконструкција на парламентот пред речиси три години ја пласираше ексспикерот Љубиша Георгиевски, а беше протуркана во Собранието како решение за просторните проблеми на пратениците.
Секретарот на Собранието, Жарко Денковски, вели дека станува збор за долгорочен проект што ќе се реализира најмалку три години и нагласува дека тие пари нема да се обезбедат одеднаш. „Тоа е голема градежна интервенција што ќе опфати три буџетски години. Планирано е да почне оваа година, но сигурно ќе се гради најмалку три години“, вели Денковски и додава дека со Буџетот се предвидени 100.000.000 денари (околу 1,5 милиони евра), додека другите пари ќе се обезбедуваат сукцесивно. Собраниската Комисија за јавни набавки ги разгледува понудите и треба да каже дали фирмите што аплицирале за надградба на парламентот: „Бетон“ - 16,7 милиони евра, „Гранит“ - 17,6 милиони евра и „Конструктор“ од Сплит - 14,4 милиони евра, имаат комплетна документација. Денковски вели дека дури потоа ќе се оди на избор на изведувач, но не може да каже кога ќе се случи тоа.
Професорот на Американскиот колеџ во Скопје, архитектот Кокан Грчев, кој своевремено се повлече од Комисијата за реконструкција затоа што не се согласи на собраниската зграда да никнат куполи, потсетува дека куполите не беа дел од просторното надградување на парламентот, туку се вметнаа дополнително. „Конкурсот и ниту една проектна програма не предвидуваа куполи, туку само надградба од еден кат во форма на петаголник и вовлечен во внатрешноста за да не се менува автентичниот изглед на објектот. Трите куполи значително ја креваат цената и длабоко сум убеден дека целата инвестиција ќе чинеше многу поевтино доколку имаше само основно реновирање на објектот. Нема потреба да се силува архитектурата. Искуството кажува дека е исклучително скапо кога се аплицира врз постоен објект и на таков начин никогаш не се постигнува саканиот ефект“, вели Грчев. Според него, најдобро решение е да се изгради нов објект на сосема нова локација. „Тогаш ќе има и реален ангажман на оперативата, вградување современи технологии и материјали. Ако на овие генерации не им нудиме простор да создаваат нови архитектонски дела, генерациите што доаѓаат ќе немаат од кои примери да учат“, заклучува Грчев.
Поранешниот член на Комисијата за надградба на собраниската зграда, Роза Топузова-Каревска, се согласува со Грчев дека надградбата на Собранието немаше да чини толку многу да не беа куполите, кои ќе се прават од метална конструкција со специјално стакло со кружни форми. „Доколку се исфрлат куполите, надградбата ќе чини барем двапати помалку. Двете куполи ќе имаат само декоративна намена, а под најголемата, која ќе го надвишува Собранието најмалку пет метри, ќе има сала. Уште кога ја изменија одлуката, укажав дека куполите, покрај тоа што не одговараат од архитектонски и естетски аспект, се исклучително скапо решение. При градење цркви со куполи, уште од темелите почнуваат да се градат архитектонски елементи што ќе бидат носачи на куполите. Ова Собрание не е предвидено да има куполи и поради тоа сега треба сите ѕидови да се зајакнат, што е исклучително скапа работа“, вели Топузова-Каревска. За неа е несфатлива опседнатоста на владејачката партија со куполите. „Можеше да се помине со далеку помалку пари да не беше оваа авантура со куполите. Но, ВМРО-ДПМНЕ упорно ја турка оваа иницијатива од самиот почеток на минатиот состав. Идејата беше на тогашниот спикер Георгиевски, кој имаше желба да го направи Собранието по примерот на германскиот Бундестаг, што има една купола, а ние веројатно за да покажеме дека сме помоќни, ќе правиме три“, иронично додава Топузова-Каревска.
И експретседателот на Собранието, Љупчо Јордановски, кој е професор на ИЗИС, смета дека станува збор за многу скапо и несоодветно решение. „Ако е целта да се обезбедат работни услови за пратениците, тогаш 17 милиони евра се значителна сума, бидејќи со помалку пари може да се направи истото, дури и повеќе. Имено, со минимален износ би можело да се доврши резиденцијата на Водно за претседателот на државата, со што би се ослободиле 30-ина работни места. Исто така, ако се иселат сите владини служби што се сместени во Собранието, посебно во сутеренскиот дел, и со мала инвестиција за реновирање и партерно уредување се добива огромен работен простор.
Но, тоа не е се'. Ако се сака, би можело со неколку милиони евра да се оспособат некои напуштени објекти за потребите на МНР и на Заводот за статистика, а нивните сегашни објекти да му се доделат на Собранието. На тој начин би се комплетирал целиот комплекс околу Собранието и неговата работа би се збогатила со нови содржини, кои инаку се стандардни во другите парламенти“, смета Јордановски. Притоа се прашува дали можеби намерите на владејачката партија сепак се поинакви. „Ако, пак, покрај условите за работа за пратениците, целта е да се гради и засилува традицијата преку грандиозност, тогаш власта треба да знае дека традицијата најмногу се гради и чува со одржување и почитување на автентичната оригиналност“, додава Јордановски.
Надградбата на собраниската зграда, што е изградена во 1938 година и претставува споменик на културата од прва категорија, е една од првите работи со кои се зафати минатиот собраниски состав. Управата за заштита на културното наследство во почетокот имаше негативно мислење во однос на реконструкцијата на собраниската зграда. Но, набрзо нејзиниот директор Паско Кузман ретерираше и излезе со мислење дека Собранието може да се надградува со уште еден кат и рамен покрив, кој не треба да го зафати надворешниот габарит на зградата и да биде вовлечен во внатрешноста на објектот. Потоа, Кузман и архитектот Јован Стефановски-Жан станаа дел од Комисијата за реализација на надградбата, откако неколкумина нејзини членови си дадоа оставки не сакајќи да учествуваат во нарушувањето на автентичниот лик на парламентот. (О.В.)
|