17.10.2012, 17:59 „Јади бурек“ на ТВ-екраните од 22 октомври
Јанко Илковски, ТВ-водител, најавува старт на Сител 3
Катерина Шекеровска
Јанко, одамна Ве нема во ТВ-етерот. Се појавија разни шпекулации, конечно, што е вистина, што се случува со емисијата „Јади бурек“?
- По четири години, дојде време за промени, иако сум човек кој сака да пушти корени и да се закопа на едно место и да гради на долги патеки, но условите не овозможуваат секогаш да продолжиш дури и во рудиментирана форма соработка.
Кога ја напуштив мојата претходна телевизија, немав ништо договорено каде ќе одам и кога, конечно, го направив чекорот и истапив, како да почувствував едно огромно олеснување. Жалам што сум носел бреме кое не сум го ни чувствувал, но очигледно дека одлуката ми беше на место. Всушност, и немав многу избор, при економската криза прво страдаат медиумите, а излегуваат последни, а кај малите медиуми тоа жестоко се чувствува. Затоа причините за моето напуштање беа и субјективни, но, пред се', објективни.
Како се случи изборот да падне токму на Сител 3?
- Стартот на емисијата е закажан за 22 октомври на Сител 3, од 22 до 24 часот, секој ден од понеделник до петок. Логиката на нештата ми говореше дека треба да одам на голема ТВ, но знам дека не сум за меинстримот. Мојата емисија да се појави на некоја од главните национални канали би била премногу проблематична, што е кажано, како е кажано, а јас сакам, т.е. ми треба слобода за импровизација, малку исчашен агол на работите. Сител 3 ми беше најдобро можно решение, тамам ги фатив во од затоа што телевизијата сака да го развие овој канал и јас им дојдов како одлично засилување на програмата, а мене ми беше забавно, во буквална смисла, затоа што е канал на кој нема турски серии, но затоа го има Бени Хил. Видете, секогаш се повикувам на „Монти Пајтон“ кога сакам да ја објаснам инспирацијата за мојот концепт на работа, но да не се лажеме, премногу аспекти на Бени се во мене, ха, ха, ха!
Почетокот се одолжи, одамна се чека на стартот на новата сезона на „Јади бурек“. Зошто?
- Стартот се одолжи, но изгледа така работат големите телевизии, баш како мамути, додека ги мрднеш... Но, кога тркалцата ќе фатат замаец, е тогаш нема запирање. Еве веќе сме во подготовки, деновиве се мести опремата и се почнува со суви проби затоа што емисијата има многу, премногу варијабли во реализацијата на кои мора да се внимава. Колку и да им изгледа едноставна, „Јади бурек“ не е воопшто лесна за реализација, особено додека се постави.
Ќе има ли концепциски промени во емисијата?
- Концептот останува ист, презентирање на дневниот печат, потоа јавувања во живо од гледачите, користење и вклучување или интервјуа преку скајп за гледачи, но и познати фаци, новинари, дописници, интервјуа, тет-а-тет, бидејќи не сум љубител на дебати, не трпам кога луѓе се „глодаат“ меѓу себе, останувам на она дека секој има добра страна која заслужува да се презентира, заедно со неговите ставови. Редовен преглед на содржини и настани што се актуелни на социјалните мрежи и видеоканали. Генерално, како што беше и досега, немам намера да го менувам концептот, затоа што и самиот концепт е создаден во од, со години, едноставно еволуирал, затоа мислам дека е подобро така да дојдат промените одошто да ги наметнувам. Зошто? Па јас сум таков табиет, многу сум упорен во работата, затоа повторно ќе бидам присутен секоја вечер, но се' што работам сакам и го ставам на увид и одобрување на јавноста, бидејќи искрено го ценам нивното мислење, а тоа ми помага да ја развијам емисијата токму така за да им се допадне на најширок слој гледачи. |