Мислења

Политиката на негативизмот

Назми Малиќи

Зошто на пратеникот Влатко Ѓорчев не му значеше многу пораката да се зачува „достоинството и личноста на дипломатите“

По се' изгледа, од многуте фактори во информирањето што создаваат вести за нашите балкански и албанско-македонски прилики негативизмот претставува комплициран редослед на приоритети. Преку медиумско меѓупартиско комуницирање се поместуваат политичките, економските, социјалните, културните приоритети. Значи, се' уште е потребно време да се дефинираат вредностите што ќе разликуваат и дефинираат рамка на етика на одговорност. Поместување политички приоритети имавме и се' уште имаме во меѓупартиската политичка арена и во сегашните прилики, како дел од партиските елити, кои како да посакуваат да го потврдат новинарскиот фактор на информирање, кога вели дека „колку е понегативен еден настан, толку подобро станува вест“. Изгледа така беше и овие денови со политичката игра со полициските досиеја и со политичката комуникација меѓу ДПА и ДУИ. Доброупатените во истражувањата на рејтингот на овие партии дошле до сознанија дека се зголемува довербата на еден дел од граѓаните спрема нив. Тоа значи дека за нивната партиската публика таквата игра со досиејата им значи, дека се така партиски едуцирани да апсорбираат конфликтна политичка комуникација.

Помалите албански партии ја почувствувале таквата политичка стапица за собирање партиски поени, па посакуваат во играта на политиката да го глумат партискиот речник на нивните некогашни лидери. Се чини дека не го научиле занаетот за такво глумење, зашто тоа засега не им оди. Без оглед на тоа со која партиска стапица се забавуваат партиските елити, кои себе го сметат за поголеми, податоците излезени од релевантните истражувања претставуваат загрижувачка порака. Таквото меѓупартиско политичко комуницирање, надвор од партиската публика, го потврдува фактот кој според теориите на политичкиот маркетинг - им се враќа со бумеранг - ефект.

Од албанскиот електорат, ако сега би се одржале избори, само околу 32 отсто гласачи не би излегле на гласање. Што станува со другите две третини од гласачите - со која партиско-стратегиска ритуална активност или со кој економски и социјален проект би ги мотивирале албанските гласачи. Партиите што ја делат централната и локалната власт би требало поубедливо и со јасни информации да им се претстават на граѓаните, кои се дел од нивна партиска публика. На непартискиот албански електорат би требало да му се објасни лошата узурпаторска плоштадска урбана политика во градовите и во поголемите села, да им се каже за големата невработеност, за лошите и непроодни патишта. На истите овие граѓани, секоја партија посебно, и ДУИ и ДПА, треба убаво да им објасни дали ќе продолжи и натаму, секоја на свој начин, да биде приврзок на ВМРО–ДПМНЕ, да го образложи блокирањето на процесите за зачленување на Република Македонија во НАТО и во ЕУ...

Во продолжението на оваа размислување, сакам да направам една кратка анализа за негативниот настан што стана вест - настапот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев. Тој, како висок функционер на власта, стана актуелен со својата критика на евроамбасадорот Ерван Фуере. Можеби од неговите сопартијци тоа се проценува како успешна реализација на домашна партиска задача. Можеби и неговиот лидер го смета таквиот настап и како партиска дипломатска победа, која би сакале да ја претворат во своја партиска забава. Меѓутоа, се отвора една дилема - која е причината за таков дипломатски парадоксален настап, со субјективна критика кон евроамбасадорот Ерван Фуере, во време кога би требало да се приближуваат и објаснуваат содржината и пораките за прогрес од извештајот на Европска комисија до граѓаните на Република Македонија. Наместо тоа, се претставува дипломатската парламентарна активност на влијателен претставник на раководната партија на власт - во стилот на домашното меѓупартиско комуницирање.

Изгледа на пратеникот во Собранието на Република Македонија не му значеше многу пораката да се зачува „достоинството и личноста на дипломатите“, како што рече во својата реакција германскиот европратеник Шацимаркакис. Можеби и во овој случај беа во игра и субјективните фрустрации. Ако е така, тие луѓе би требало да се потсетат на Ленард Берковиќ, односно на неговото размислување за нормалното разбирање, за нормалната комуникација, кога вели „луѓето кои чувствуваат континуирана фрустрација често ги опфаќа општа апатија. Тие на крајот се предаваат“. Дали таквиот настап на пратеникот значеше губење на здивот на дипломатското трпение.

Да се разбереме, јавните партиски настапи, критики и разлики во ставовите се прифатливи кога се во рамките на лимитот на признавање и непризнавање на разликите во размислувањето. Репрезентативните улоги го имаат и лимитот на претставување на личните незадоволства и на личните фрустрации кога се претставуваат институциите на државата. Ако на оваа средба се претставуваше парламентарната соработка и политиката на Република Македонија, се учествува со делегиран мандат. Затоа, на вакви средби не би требало да се читаат слободни новинарски размислувања. Со незадоволство или со партиска дипломатска задача, пратеникот настапуваше глумејќи различно размислување и со својот лидер, кој за извештајот на Европската комисија се фалеше, кажувајќи дека „претставува голем успех за Република Македонија“. Така се изјасни премиерот Груевски и по добивањето на извештајот на Европска комисија за напредокот на земјата кон евроинтеграциите и пред амбасадорот на ЕУ во Скопје, Ерван Фуере. Груевски кажа дека во најголемиот дел од извештајот се истакнува напредок на земјата. Со површински споредувања за ваквите настапи, со едноставна политичка анализа би се откриле и нејасни констатации, односно кои норми и методи на политичка култура или дипломатска култура застапуваат пратеникот и премиерот. Што е тука во прашање? Каков партиски филм и' се нуди на нивната партиска публика?

Некоординирана партиско-дипломатска активност со лидерот, лошо разбирање или лошо толкување на партиската задача со таквиот настап или можеби и во овој случај е виновна ТВ А1, која меѓу првите медиуми ја пренесе веста за настапот на нашиот парламентарен претставник на состанокот на мешовитиот парламентарен комитет.

Да се разбереме, треба да го прифатиме правилото за реална рамка во информирањето. „Коментарите се слободни, но фактите се свети“, така гласи новинарска максима, која често ја промовираше Клаус Шонбах. Нејсе, ваквите настапи со дипломатски контрадикторности, за жал, се наследени од партиската дипломатска арена. Но, едно е сигурно - дипломатското однесување е уметност која се гради и се доградува со стил на дипломатско комуницирање. Дипломатското комуницирање е вредност. Затоа, на крајот би се послужил со мислата Х. на Хартман - „Личноста не ги конституира вредностите, туку вредностите ја конституираат личноста“.

(Авторот е универзитетски професор)


#