Нема сини картони за невработени со стан?
Министерството за здравство сака да ги стави невработените во категоријата граѓани што не се здравствено осигурени по ниедна основа
Јасмина Јовановска
И невработените, како што дознаваме, ќе треба да немаат куќа, стан, автомобил или друг имот за да можат да добијат сини картони за лекување на товар на државата. Ова го предлага Министерството за здравство, со тоа што невработените сака да ги стави во категоријата граѓани што не се здравствено осигурени по ниедна основа. Објаснувањето, според неофицијални извори, е дека само така државата ќе може да го намали бројот на невработени, кои фиктивно се пријавуваат во Агенцијата за вработување само за да можат да добијат сини картони.
Државата се одлучила за заострување на условите за здравствено осигурување на невработените лица, според неофицијални извори, затоа што претходните законски измени не ги дале очекуваните ефекти. И покрај тоа што обврската за обезбедување сини картони од Агенцијата за вработување преминала кај Фондот за здравствено осигурување, фиктивната бројка на невработени во државата не се намалила.
Според последните податоци од Агенцијата за вработување, во државата моментно има околу 340.000 невработени. Владата, иако им даде право на сите граѓани здравствено да се осигурат и ги стави во категоријата здравствено осигурени по ниедна основа, поради условите што ги одреди за стекнување на ова право, повторно неосигурените ги остави без сини картони. Од околу 100.000 неосигурени лица, околу 40.000 повторно немаат право на лекување зашто имале дом, или некое земјиште на свое име. Па, ова очигледно ќе се случи и со невработените.
И додека државата сака да се ослободи од фиктивно пријавените невработени лица, на бегалците ќе им обезбеди сини картони за лекување како да се вработени зашто Министерството за здравство предлага тие да влезат во задолжителното здравствено осигурување. На овој начин бегалците, кои ги има околу 1.600 во земјава, ќе може да се лекуваат на товар на државата, од матичен лекар, па до болница и клиника, за што ќе бидат задолжени да плаќаат партиципација. Објаснувањето на Министерството за здравство, според неофицијални извори, е дека на тоа не' обврзува Конвенцијата за статус на бегалци, како и Законот за азил. Ако бегалците се изедначуваат со другите граѓани и државата им дава право да работат и право да учат, тогаш тие треба да имаат право и на здравствена заштита, се наведува во образложението од предлог-измената.
Предлагачот на измените го уверува Министерството за труд и социјална политика дека измената ја прави за државата да заштеди. Иако за здравствено осигурување на бегалците ресорното Министерството за почеток ќе плаќа двојно повеќе пари, сепак, Здравство го уверува Труд и социјала дека трошоците ќе се намалуваат во наредните две години поради тоа што има најава дека околу 350 бегалци ќе се вратат во земјите од каде што се дојдени. Односно ако Министерството за труд лани давало околу 4,5 милиони денари за лекување на бегалците во болници и клиники, сега ќе плаќа околу 10 милиони денари, но заедно со услугите кај матичен лекар. Но, овие средства в година ќе се намалеле за половина, а третата година ќе биле само околу 2,6 милиони денари, се процените на предлагачот.
Од Министерството за здравство не добивме никаков одговор какви измени се крчкаат во Законот за здравствено осигурување, кои се планира да стартуваат од јули годинава. Измените се дојдени дотаму да се бара мислење од Министерството за труд и социјала. Ова Министерство им дава пас на измените, со исклучок на онаа за невработените што земаат паричен надоместок и предлага тие и натаму да добиваат сини картони, како и досега.
Од Министерството за труд и социјална политика ни рекоа дека се согласуваат со овие измени за здравствено осигурување на невработените и бегалците. Невработените да добиваат ��ини картони како категорија граѓани што не се здравствено осигурени по ниедна основа е усогласување со Законот за придонеси. „Невработените лица и натаму ќе бидат опфатени со правото на здравствено осигурување, како и оние лица што не се осигурени по друга основа. Ова од причина што голем број евидентирани невработени лица се пријавуваат единствено за добивање право на здравствено осигурување, а, всушност, имаат приходи по разни други основи и не бараат активно работа“, се вели во писменото објаснување од Министерството за труд и социјала. За бегалците, велат во ресорното Министерство, обврзник за плаќање на придонесот ќе биде и натаму Министерството за труд и социјала, кое и досега ги плаќаше трошоците во согласност со Законот за азил и миграција. |