09.01.2012, 17:13

Дипломатски маратон до Чикаго

Незаинтересираност во Грција, песимизам во Македонија околу името. И Македонија и меѓународната заедница се' уште свират по грчки ноти

Слободанка Јовановска


Еден месец по одлуката на Хашкиот суд и една година по прекинот на преговорите со Грција околу спорот за името, државниот врв одржа консултација за да ја разгледа стратегијата со која ќе настапи на средбата на Метју Нимиц со преговарачите Зоран Јолевски и Василакис Адамантиос на 16 овој месец во Њујорк.

И покрај правната победа во Хаг, Македонија не ја добива битката на дипломатски план, па државниот врв најави дека ќе бара спорот да се врати во правната рамка и да се почитува обврската државата да биде примена во НАТО како БЈРМ. Клучната дилема е игра ли и натаму меѓународната заедница по грчки ноти, со оглед на тврдењата во грчките медиуми дека Нимиц се активирал на барање на Атина, на која во моментов повеќе и' одговара спорот да се прекрши во ОН отколку во НАТО. Во моментов барањата Македонија да продолжи со преговорите и да го смени името се многу погласни од тие, всушност нечујните, да добие прием со БЈРМ, а потоа да бара решение за спорот. Како временски рок до кога треба да се види некој аир од дипломатската офанзива на нашиот државен врв и дипломатија (невидлива во моментов) се перцепира самитот во Чикаго, иако од Букурешт ни е јасно дека за одлуката за Македонија не е неопходен самит, туку е доволен и северноатлантскиот совет. На крајот на јануари во Брисел, на еден таков состанок треба да присуствува премиерот Никола Груевски, и од тоа што ќе го слушне и каже таму ќе се знае точно дали Чикаго е шанса или нова политичка фатаморгана за нашиот прием.

Портпаролката на НАТО, Јоана Лунгеску, изјави вчера дека се' уште е рано да се каже дневниот ред на самитот, освен најжешките прашања за нив во моментот - Авганистан, стратегијата на т.н. паметна одбрана и партнерствата со важни земји. Дали меѓу нив ќе биде и проширувањето, според неа не е јасно, но не очекува промена на позицијата за спорот на Македонија од таа што генералниот секретар Андерс Фог Расмусен ја кажа по пресудата на Хашкиот суд.

И од САД не се слуша се' уште дали Конгресот, како што го прави тоа вообичаено, ќе излезе со некаква активност или резолуција со која ќе го поддржи приемот на Македонија или генерално проширувањето, која не е пресудна, но е сигнал во кој правец се движи расположението во Вашингтон.

Дипломат кој го познава процесот на одлучување во НАТО, пак, потврди дека дури и дневниот ред на самитот се утврдува со консензус во алијансата, па ако приемот на Македонија се најде меѓу точките, тогаш тоа ќе биде сигнал, или дека издејствувале некоја отстапка од Атина, или дека некоја од земјите била многу упорна во барањето да се расправа за тоа. Поранешниот министер за одбрана Лазар Еленовски е скептик дека до Чикаго ќе се реши спорот и ќе се исполни условот за прием на Македонија, бидејќи во Грција не гледа волја да преговара. Според него, нам сепак не ни треба самит за да се добие поканата, а Чикаго служи само за да се подгреат очекувањата, иако е јасно дека во фокусот на алијансата ќе бидат други прашања. Политички, смета тој, не е лошо да се испровоцира прашањето околу употребата на Привремената спогодба, па и да добиеме уште едно „не“ од НАТО, нема што да изгубиме. Тој излезот го гледа во поголема дипломатска активност за поддршката околу спорот да биде на македонска страна по пресудата на Хашкиот суд, бидејќи прашањето е пред се' политичко. Хендикеп според него е што други кандидати за прием во НАТО нема, односно покрај Македонија која е заглавена, на списокот е само Црна Гора за која таква расправа е преуранета, па заклучи: нема кандидати - нема тема.

Станува очигледно дека од досегашниот ќор-сокак Македонија и Грција ќе влезат во нов - ние ќе инсистираме на примената на БЈРМ, а Грција ќе инсистира на решение низ преговори, а двете ќе се повикуваат на примената на Привремената спогодба. На Атина ќе и' биде битно да остави само впечаток дека има сила да преговара и покрај домашната криза, за да го неутрализира ефектот од Хашката одлука и за да го потроши времето до самитот, бидејќи потоа никој веќе нема да се интересира за спорот со Македонија.

Атина и ќе успее во тоа ако нашиот државен врв и натаму се троши во праќање пораки и неуверливи покани до Атина, место да лобира кај земјите кои имаат моќ да влијаат на настаните. Средбата на државниот врв беше токму таква, парадна, бидејќи требаше да им покаже на граѓаните колку посветено работат на тоа прашање, иако за новата стратегија веќе не е битно што ќе се каже тука, туку надвор.

Името предуслов и за данското претседателство

Атина - Решавање на спорот за името останува предуслов за напредување на Македонија во евроинтеграциите и за време на претседавањето на Данска со ЕУ, изјави денеска во Атина данскиот амбасадор во Грција Том Норинг.

Тој, како што јави АНА-МПА, претставувајќи ги приоритетите на неговата земја за време на шестмесечното претседавање со ЕУ, појасни дека Данска го поддржува процесот на проширување, подвлекувајќи притоа дека земјите кандидати мора да ги исполнат критериумите и условите поставени од ЕУ.

„Не постои влез од задната врата. Прво мора да се реши прашањето за името. Ги охрабруваме двете страни да најдат заемно прифатливо решение во рамки на процесот што се води под покровителство на ОН“, рече Норинг одговарајќи на новинарско прашање за евроинтеграцијата на Македонија.