Кампања

 

Раѓајте деца, власта чести!

Според најновите податоци, најмалку во 50 општини мајките ќе се офајдат со родителски додаток

 

Нина Нинеска - Фиданоска



Најмалку во 50 општини во земјава мајките со второ, трето и четврто дете ќе добиваат парична помош од државата, почнувајќи од стартот на идната година. Оваа финансиска поддршка за мајките со повеќе деца е дел од владината кампања за многудетно семејство. Властите деновиве буквално бомбардираат со огласи во медиумите во кои прецизно ги информираат граѓаните за оваа своја акција.

Најновите податоци на Заводот за статистика, кои ги објавува „Утрински весник“, говорат дека природниот прираст на населението е понизок од 2,1 промили во најмалку 50 општини во земјава. Според формулацијата на Заводот за статистика, стапката на природниот прираст ја покажува разликата помеѓу живородените деца и бројот на умрените лица во земјата во однос на просечниот број на население (на средината на годината), пресметана на 1.000 население. Во Македонија како целина, во 2007 година, стапката на природен прираст изнесувала 1,5 промил.

Пречка за да се прецизира точно во кои општини мајките со повеќе деца можат да се надеваат на финансиска помош од државата е што за скопските десет општини домашните статистичари се' уште немаат изготвено поединечни податоци за природниот прираст. Во Заводот за статистика објаснуваат дека такви посебни податоци за скопските општини досега не се изготвувале, така што тоа сега ќе се направи прв пат.

Инаку, во Скопје вкупно природниот прираст е 2,9 промили. Засега во зоната на шпекулациите е очекувањето дека една од општините каде што може да се очекува финансиска помош е Карпош.

Сосема е извесно дека со парична помош од државата ќе се офајдат мајките од Берово, каде што има дури и негативен природен прираст од 4,8 промили, исто како и во Битола, каде што негативата е 3,8 промили, а и во Богданци со минус од 1,6 промили. Меѓу општините со негативен прираст се издвојуваат и Велес, со минус 1,8 промили, Виница со минус 1,7 промили, Гевгелија со минус 1,3 промили, Делчево со минус 1,6 промили, Демир Хисар со огромен минус од 9,9 промили, како и Демир Капија, со минус 4 промили. Тука не престанува списокот на општини со негатива. Во него спаѓаат и Кратово со минус 6,6 промили, Крива Паланка со минус 0,8, Македонски Брод со минус 7,9, потоа Прилеп со минус 1,9, а исто толкава негатива има и Пробиштип. Во Ресен има многу поголем минус од 8,2 промили, а во Штип тој изнесува 0,2 промили.

Нека не се надеваат на пари мајките од Арачиново, со 16 проценти позитивен природен прираст. Иако со помал прираст, во групата на „недобитни“ влегуваат и Гостивар, Дојран, Илинден, Липково, Струга, Струмица, Студеничани, Тетово и неколку други општини.

Според новите измени на неколку закони, сите мајки кои по 1 јануари в година ќе родат второ, трето или четврто дете ќе добиваат родителски додаток ако живеат во општина каде што прирастот е под 2,1 промили. Невработените жени кои од стартот на 2009 година ќе родат четврти пат ќе имаат право и на пензија, а ќе ја примаат откако ќе наполнат 62 години.

За раѓање второ дете мајката ќе прима 30 отсто од просечната плата, или 5.000 денари, во траење од девет месеци. За трето дете мајката десет години ќе зема половина од просечната плата, или 8.250 денари месечно, а за четвртото мајката секој месец 15 години ќе добива 70 отсто или 11.550 денари. Овој родителски додаток ќе го добиваат мајки кои најмалку три години живеат во општини каде што прирастот е под 2,1 промили.