Младите полни со идеи за бизнис, ама без пари
Нема водење бизнис кога со месеци доцни повратот на ДДВ, се жалат младите
Младите луѓе имаат идеи, желба и волја за водење бизнис, ама немаат пари. Како да дојдат до нив?Додека во светот државите им помагаат на младите кои се подготвени за бизнис, со поволни заеми, грантови, субвенции, кај нас тие наидуваат само на препреки. Нашата влада целосно е свртена кон освојувањето странски инвестиции, домашните се во втор план, велат младите претприемачи кои допрва се пробиваат на македонскиот пазар.
„Како да водам бизнис кога државата пет месеци доцни со повратот на ДДВ-то“, вели Ненад Фиданоски од „Глобал нет“, мала фирма која се занимава со софтверски апликации. Тие велат дека досега не добиле никаква помош од државата, и мислеле дека е тоа нормално сами да се борат, се' додека не почнале да соработуваат и да разговараат со нивните колеги од Шпанија, од Турција.
„Не' изненадија нашите колеги од овие земји кога ни раскажаа колкава поддршка имаат од нивните влади. Особено ИТ-секторот. Младите Шпанци на пример за развој на одредена софтверска алатка добиваат грантови, а на турските фирми државата им покрива 75 отсто од трошоците. Немаме никаква подршка од државата. Напротив. Како помали фирми со приход до 3 милиони денари плаќаме данок на приход, а големите данок на добивка, од кој државата ги ослободи. Наместо да е обратно“, вели Фидановски.
„Не ни требаат само пари, фали поддршка и промоција, за клиентите да имаат поголема доверба во нас“, вели Игор Крстев од „Х софт“, исто така, од ИТ-секторот, која изработува софтвер за електронска трговија. Тој смета дека овој бизнис има иднина, а клиентите за кои изработиле ваков софтвер успешно продаваат македонски производи, главно, на странски клиенти.
„Младите во земјава од факултетите излегуваат боси, затоа им треба и финансиска помош и јавна поддршка“, порачува Синиша Пекевски од Фондацијата за претприемачки сервис за млади. „Очекуваме поголема поддршка, и финансиска и декларативна, од државата, јавно да се поддржат овие млади луѓе, преку нивна промоција. Не треба Владата да очекува да дојдат само големи инвеститори, туку да ја насочи поддршката кон отворање мали фирми формирани од млади луѓе“, вели Пекевски.
Тој е дел од тимот што работи со фирмите во ПСМ-инкубаторот, во чии рамки работат околу 40 мали и млади фирми. (С.М.) |