Мислења

Ќе игра ли Фрчкоски оро?

Ѓорѓи Спасов

Изборните штабови ги претставуваат кандидатите како луѓе блиски до народот, се обидуваат да ја купуваат волјата на гласачите и го плашат народот со последиците од неговиот погрешен избор

 

Телевизија Алфа деновиве ни го прикажа филмот за улогата на американски политички консултанти во изборната победа на Борис Јелцин во 1996 година.

Пораката од тој филм гласи: не е важно со колку низок рејтинг стартувате во трката за претседател. И не е важно каков сте и што сте работеле. Важни се три нешта: прво, во кампањата мора да правите работи кои ќе ве прикажат дека сте човек од народот; второ, ако се кандидирате од позиција на власт, поттикнете ги најмасовните категории на избирачи да гласаат за вас или за вашиот кандидат преку зголемување на пензиите, давањето стимулации за земјоделците, пакети за сиромашните и сл. И на крајот, ако и тоа не е доволно за победа на вашиот кандидат, кажете им на граѓаните што се' страшно може да им се случи на нив и на земјата ако случајно победи вашиот конкурент.

Во кампањите што се водат во Македонија се имитира овој макијавелистички образец кој либералната мисла го исмејува.



Изборните штабови се трудат нивните кандидати да ги претстават како луѓе блиски до народот, потоа ветуваат и се обидуваат да ја купуваат избирачката волја на гласачите според сопствените можности и го плашат народот со последиците од неговиот евентуално погрешен избор.

Да ја погледнеме, на пример, кампањата на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори:

Прво. Кандидатот за претседател Ѓорге Иванов ни се претставува како човек од народот. Просечен. Недоволно познат. Малку исплашен. Скромен, чесен, паметен, сиромашен, семеен човек, се пробивал во животот без врски и дури политички неопределен, односно партиски непристрасен, и покрај тоа што тој веќе има изјавено дека овие избори ќе биле „парастос за режимот на Црвенковски“.

Второ. Владата која стои зад неговата кандидатура не жали пари и ветувања кои, според сите критериуми, се еден вид изборна корупција. Таа јавно е за фер и демократски избори, во смисла никој да не се буни и да не прибегнува кон насилства и фалсификување на изборните резултати, и ветува силна полициска заштита на избирачките места, но суштински изборите ги прави не фер. Таа троши и ветува огромни буџетски средства за купување на волјата на избирачите. Секој ден откако е почната изборната кампања премиерот дели пари или привилегии во областа на здравството, на пример, става камен- темелници за спортски сали и игралишта, останува при ветувањата за зголемување на пензиите по изборите и по умот на Циле Тупурковски вети не една, туку фантастични осум милијарди евра за развој на македонската економија што ќе ги обезбедел преку задолжувања, концесии и на други начини.

И трето. Владата полека, но сигурно влегува во кампања на ширење страв од враќање на опозицијата на власт на кое ниво било. Користејќи ја познатата матрица на тоталитарната пропаганда за постоење заговор против државата и уривањето на власта од страна на опозицијата, таа преку свои новинари и медиуми го плаши народот со губење на македонското име, идентитет и држава. Таа на насловната страница од „Нова Македонија“ најавува апокалипса, крај и уништување на Македонија. Тоа го подготвувал Црвенковски во соработка со неговиот претседателски кандидат, со сите што во Македонија денес ја критикуваат Владата и со Евреи како некојси Исак Адижес кој е во тајна дипломатско-политичка мисија за уништување на Македонија. Целта е јасна. Народот ако не го бендиса кандидатот или ако не е задоволен од власта, тогаш треба да сфати дека без неа ќе остане и без име, и без пари, и без држава.

За жал, некои од овие елементи можат да се препознаат и во кампањите на другите кандидати.



Така, на пример, Фрчкоски кој уживаше во пури, скапи часовници, уметнички слики и коњи, како и во поделбата на луѓето на екологисти (сељачана) и елитисти (градски мангупи), одеднаш, наместо да продолжи да вози велосипед со штипка, станува загрижен за фармерите, за сточарите, за овците, за млекото и за други „дреболии“. Кампањата на СДСМ наместо да го продава како светски човек, професор и интелектуалец упорно го турка во друштво со земјоделците со кои тој не се чувствува во природен амбиент и не е чудо до крајот да го натера да игра оро и да пее турбо-фолк. Таков претседател, демек, сакал народот.

За разлика од Владата, СДСМ не може во негово име да дели пари, привилегии или да ветува милијарди. Затоа самиот Фрчкоски ветува дека во моментот кога Македонија ќе почне да води паметна политика на меѓународен план со негова помош, тогаш и стандардот на граѓаните ќе порасне и ќе се извлечеме од економската криза. Но, тоа во услови на голема сиромаштија е политика на „не умирај коњу до зелена трева“.



И на крајот. И тој со право не останува имун на заканите. Неговата порака е дека Македонија ако не влезе бргу во НАТО и во ЕУ „ќе пукне однатре“. Следниот чекор на Албанците, тврди тој, ќе биде барање за основање кантони. А тоа може да води кон распаѓање и исчезнување на Македонија. Затоа во негов стил и, веројатно, без контрола од политичките советници, иако физички не изгледа како Тарзан, бара „да им се скрши ногата на противниците на 22 март, како да се тие некоја жена во паркот што му го земала паркингот.

Но, прашање е и дали нешто попаметно може да прави во оваа кампања.



Елементи од овој вид кампања се присутни и кај лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Тој, на пример, за кандидатите на противничките партии за градоначалник на Гостивар вели: „Не гласајте за човекот (актуелен градоначалник од ДУИ) што е експонент на организираниот криминал, ниту за авантуристи (мисли на Руфи Османи) што ги жртвуваа животите на гостиварци“. И додава: „ДПА има за цел (со Македонија или без неа) Албанците да бидат дел од Алијансата, и ако не влезе во НАТО, Македонија ќе пропадне“.

Ако човек верува во сите овие закани изречени во кампањата, тогаш може да дојде до заклучок дека кој било да победи, Македонија ќе пропадне, ќе пукне однатре или ќе исчезне.

Но, кампања е, и се' е можно.

Македонската Влада непосредно пред изборите донесе одлука да се продолжи времето за продажба на алкохол до 21 часот. Велат, се исплашила дека ако се отрезни народот - би можел и да ја смени.

(Авторот е универзитетски професор)