Граѓаните во дилема: евро или долар
Во земјава и натаму најмногу му се верува на еврото, па никој не го менува
Соња Маџовска
Со секој слободен денар граѓаните моментно на менувачкиот пазар купуваат долари, но не ги менуваат еврата. Нема дилема дека во земјава и натаму најмногу и' се верува на евро-валутата, па затоа засега никој не ги менува еврата, а и штедните влогови не се трансформираат.
Но, поради падот на еврото на светските берзи и стравувањата на светските експерти дека и' се гледа крајот на оваа валута, македонските граѓани постојано се прашуваат што да прават. Дали е поисплатливо да штедат во долари или во евра, дали да ги конвертираат еврата во други светски валути?
И експертите и банкарите велат дека во која валута ќе штедат граѓаните е лична процена, но, според нив, тешко се искоренуваат навиките, бидејќи македонските граѓани размислуваат во евра. Додека банкарите се воздржани, од менувачниците велат дека оној што ги следи берзите во овој период на раст на доларот знае и да заработи. Според нив, доларот и натаму ќе расте, а тие дури предвидуваат дека за неколку месеци ќе го стигне еврото. „Со доларот моментно можеш да добиеш, а со еврото си на исто“, вели Ангеле Миневски од Здружението на менувачниците. Според него, најубаво било кога бевме врзани за марката. „Има прогнози дека повторно европските држави ќе си ги вратат своите валути, но тоа се само претпоставки“, вели Миневски.
Откако почна да паѓа еврото на светските берзи, се разниша благо довербата во оваа валута, велат од приватните менувачници. Според нив, зголемена е побарувачката за доларот последниве месеци, но по инерција се купува и еврото. „Се' уште не е драстично зголемена побарувачката за доларот, но неговата цена секој ден расте во однос на еврото. Моментно со слободните денари се купуваат долари, но довербата и натаму е на страната на еврото. Мал е бројот на оние што ги менуваат еврата во долари. Во оваа ситуација најмногу ќе ќарат оние кои имаат побарувања во долари, како што се текстилната и челичната индустрија, но ќе изгубат оние што должат во долари. Кај оние што се врзани со еврото нема да има промени“, велат од приватните менувачници.
Вчера доларот во менувачниците се продаваше по 51,6 денари, а во банките по 52,15 денари.
Според банкарите, во овој период на берзански турбуленции нема ниту благи промени кај домашните штедни влогови. Кај нас, всушност, најмногу се штеди во денари, оти за нив се најголеми каматите. Дури 60 отсто од заштедите се во денари, 30 проценти се во евра и 10 отсто во останати валути - долари, јени, шведски круни, канадски и австралиски, фунти и сл. „Денарското штедење преовладува во банкарскиот систем во Македонија поради атрактивните каматни стапки. Втора водечка валута е еврото, а доларот и останатите валути се во помал обем. Најчесто штедењето во овие други валути е наменско, односно е планирана употреба на тие валути без конверзија што дополнително придонесува нивниот обем и број да е помал. Депозитната база е стабилна и не се забележуваат зголемени конверзии од евра во долари или обратно“, објаснуваат во Стопанска банка. Од оваа банка велат дека сигурноста на банката и каматните стапки се пресудни при изборот на типот на штедење. „Со оглед на тоа што во изминатите години беа развиени повеќе разновидни депозити во евра, кои покрај каматната стапка, нудат и дополнителни бенефити, се амортизира курсната разлика и клиентите не се стимулирани да ги префрлат заштедите“, велат од Стопанска.
Оттаму додаваат и дека нема промени кај ратите за кредит, кои се со девизна клаузула. „Девизната клаузула кај кредитите се однесува на еврото и согласно со стабилната вредност на еврото во однос на македонскиот денар немаме изразени промени во ратите на клиентите - корисници на кредити со девизна клаузула. За пресметките на ратите се користи средниот курс на НБРМ и согласно на неговите флуктуации, ��оже да се менува и износот на ратата“, велат од Стопанска банка.
И од Комерцијална банка потврдуваат дека нема позначајни промени ниту кај заштедите ниту кај кредитите. „Нема промени во структурата на штедните влогови, нема ниту трансформација на еврата во долари. Во долари, на пример, најголем број штедни влогови има во Куманово, бидејќи таму оние што работата во стрaнство, платата ја добиваат во оваа валута“, велат од Комерцијална банка.
Според експертите, кај нас нема промени поради тоа што македонските граѓани се навикнати да размислуваат во евра. Според нив, неблагодарно е да се советуваат граѓаните во што да штедат, бидејќи станува збор за лична процена. Но, тие ги критикуваат Владата и Народна банка на Македонија што навреме не процениле како ќе се движи соодносот евро-долар. „Државата направи катастрофална грешка што не направи трансформација на девизните резерви од евра во долари кога соодносот беше 1,5 во корист на еврото. Тоа го покажува конзервативниот пристап на Владата и НБМ дека се неписмени при следењето на меѓународните финансиски текови. Нема спремност да се преземат чекори за максимизирање на повратот на народното богатство, односно девизните резерви“, вели аналитичарот Ден Дончев. (С.М.) |