06.10.2011, 15:43
Фестивалот „Браќа Манаки“ се отвора со „Крвта што проштава“




Албанскиот филм што го потпишува Американецот Џошуа Марстон, добитник на „Сребрена мечка“ во Берлин, ќе го одбележи стартот на 32. Фестивал на филмската камера.

Триесет и второто издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кое ќе се одржи од 15 до 21 октомври, годинава носи над 70 филма распоредени во осум програмски целини, многубројни придружни програми и многу интересни гости. Под мотото „Продолжи да гледаш“ и со исклучително инвентивните и асоцијативни дизајнерски решенија, Фестивалот јасно дава до знаење дека неговиот поглед е вперен кон иднината. Дека иако, како што рече директорката Лабина Митевска, последниве години работевме напорно на подигнување на неговото реноме, сепак, нашата цел не е само негувањето на традицијата туку и неговото растење, а особено неговата иднина.

Главниот адут годинава се очекува да бидат филмовите, и тоа првенствено оние во трите главни програми, „Официјална“, „Нови визии“ и „Документарната програма“, како и филмовите што ќе се прикажат во чест на лауреатите, но и во чест на специјалните гости. За отворањето е избран албанскиот филм „Крвта што проштава“, а го потпишува Американецот Џошуа Марстон. Овој филм за крвната одмазда, кој целосно е снимен во Скадар, селектиран е во програмата „Нови визии“, но ќе се прикаже надвор од конкуренција.

На ова издание како адут го имаме и главниот лауреат Данте Спиноти, за кој претседателот на ДФРМ, Горјан Тозија, рече дека е најбараниот човек на филмските фестивали, и неговиот филм „Последниот мохиканец“. Специјална „Златна камера 300“ ќе добие францускиот директор на фотографија Бруно Делбонел, во чија чест публиката ќе го види прекрасниот филм „Волшебната судбина на Амелија Пулен“. А затворањето ќе протече во знакот на уште еден специјален добитник... (С.У.)

(Поопширно во утрешното издание на „Утрински весник“)