Лондон ги поздравува нашите двокатни автобуси
Лондонскиот весник пишува за автобусите „Рутмастер“ што наскоро ќе се возат во Скопје
ЛОНДОН - Ако не можете да чекате Лондон да ги редизајнира двокатните автобуси, „Рутмастер“, не грижете се, наскоро ќе има многу слични на нив на патиштата. За жал, ќе треба да патувате околу 2.000 километри до Македонија за да ги видите. Првиот од македонските градски автобуси излезе од производната лента оваа недела и се упати кон главниот град Скопје. Тие се произведуваат во кинеската провинција Хенан од „Јутонг груп“ и се направени да имаат „ретро-стил“, кој многу личи на двокатните автобуси од 50-тите години. Вкупно 202 автобуса, вклучувајќи и две верзии со отворен покрив, се нарачани и тоа ќе чини повеќе од 35,5 милиони евра.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, неодамна се повози со овој автобус, пред тие да пристигнат во Скопје. Тој рече: „Автобусите ќе бидат дизајнирани ексклузивно за Скопје (јавниот сообраќаен оператор). Тие ќе бидат уникатни“.
Македонски официјални лица негираа дека тие, всушност, се копија на лондонските автобуси. „Има голема историја што се поврзува за овој дизајн“, изјави портпаролот на Министерството за транспорт и врски.
Стотици лондонски автобуси беа купени од страна на југословенските власти во 50-тите години и испратени во Скопје. Меѓутоа, катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кој уништи околу 80 проценти од градот, го збриша и јавниот транспорт, вклучувајќи ги и автобусите.
Љубителите на двокатните автобуси „Роутмастер“ го поздравија македонското возило. „Ова изгледа како дизајн што се базира на првата верзија на класичниот двокатен автобус“, рече Дејв Паскел од „Роутмастер асосиејшн“. „Двокатните автобуси се во промет околу 60 години и прекрасно е да се види дека го издржаа тестот на времето толку добро што и други земји, исто така, сакаат да ги вратат во сообраќај. Голем број автобуси низ светот се произведуваат во Кина и тие се многу добри во копирање на други дизајни“.
Дејвид Браун, извршен директор за сообраќај во „Транспорт за Лондон“, изјави: „Лондонските автобуси се икона низ светот и, секако, дека Македонците добија инспирација од метрополата. Им посакуваме се' најдобро. И лондончани не ќе треба да чекаат многу пред да ги видат новите автобуси за Лондон“.
„Рутмастер“ беше повлечен од редовната служба во Лондон во декември 2005 година од тогашниот градоначалник Кен Ливингстон, иако се' уште вози две туристички маршрути. Усовршениот дизајн на Борис Џонсон е направен од северноирската компанија „Рајтбас“ и треба да пристигне во Лондон во јануари 2012 година.
(Лондон ивнинг стандард) |