Дебата

Кои сме ние?

Паско Кузман и Љубомир Цуцуловски

Антички и словенски Македонски? Расправите на оваа тема ја поделија јавноста и го нагризуваат македонското ткиво

Кузман: Македонската историја не може поинаку да се третира освен како историски континуитет од создавањето на името Македонија до ден-денес и натаму до постоењето на тоа име и на таа земја, на нејзиниот народ, со неговата култура (за што сведочат материјалните остатоци) и државност, па макар била непостојана низ времињата кои биле минато, па дури и да биде во времињата што ќе бидат иднина. За жал, нашата историска мисла, под влијание на одредени догми и под дејствата од доминантноста на словенската компонента во развојот на македонскиот народ речиси сосем ја запоставуваше античката компонента и до неодамна го претпочиташе вештачкиот прекин на таа компонента со ранословенската наспроти неоспорниот природен контекст на работите кои се конотираат како закономерно течение.

Што се однесува до етногенетската дијалектика на етничкиот супстрат Македонци, не може да се заобиколи континуитетот кој во основа има универзална и космополитска конотација, а имено се' започнува од иницијалната етничка материја, односно од оние шест и пол века на создавањето на тој етнички поим, кој всушност треба да се нарече македонска Македонија. Тоа сигурно ни една историска научна мисла не може да го заобиколи. Потоа следува, како што е познато, римската Македонија, која, непобитен историски факт, трае околу шест века и која во себе ги содржи етничките елементи на домородното население и новодојдените римски етнички состави, од кои натаму функционира населението на македонските простори испреплетено меѓусебно и кое биолошки не го исклучува генот на домородниот етнос.

Потоа следува словенската и византиската Македонија, еден историски делириум што се појавува во рамките на историските школи од „источната“ и од „западната“ страна на светската историска наука. Старословенскиот јазик над мешаното население на Балканот и во Македонија бил наметнат со помош на Византија. Св. Климент и св. Наум биле вистинските апостоли на „македонските Словени“ (безлична синтагма, или парадигма од која се изведува „кој што сака“ во етничка смисла!?) Но, кои биле Македонските Словени? Срби, Бугари, Словенци, Полјаци, Чеси...? Биле Македонци. Кои Македонци? Словени на територијата која го носи името „Македонија“? Јазикот е македонски, ама на кои Македонци? На македонските Словени околу Солун, или е старословенски, од сите словенски народи, освен од „македонскиот“? По словенската и византиската Македонија, по неколку века доминирала бугарската и српската Македонија (двете помеѓу византиската и османлиската Македонија) и, најпосле, во доминантна смисла ,отоманската Македонија, која траеле пет и повеќе века. Сите овие доминации во секоја смисла оставиле свои траги во рамките на основната домородна популација која би морала да постои од својот зачеток до денес, во спротивно не ќе бевме ние, денешните Македонци. Затоа и името Македонија е на Македонците, а не на македонските Словени. Во сите горенаведени „Македонии“ се случувале, пак, историските процеси: симбиози, претопувања, влијанија, но и зачувувања, типичности, постојани егзистирања на основни елементи и други. За да се постави прашањето: која била доминантната етничка популација во општа смисла одговорив погоре, а ако уште подецидно се инсистира да се одговори на ова прашање, тогаш одговарам со следново: археологијата знае за доминантните материјални култури на цивилизациите (кои, попатно, исто така, учествуваат во создавањето на континуитетите), а за таканаречениот „физички етногенеус“, прашајте ја генетиката.



Цуцуловски: Пре�� десеттина години, во текстот Сказна за Макенците и Буганците, првично објавен во Дневник од 25.3.1999, укажувајќи на импликациите што ги носи идејата за етногенезата потсмешливо предупредувам: „... мора да се почитува фактот дека сите луѓе потекнуваат од човеколики мајмуни. Мајмуните потекнуваат од некои други мајмуни, кои, пак, потекнуваат од... Постепено, ќе се стигне до амебите. Според тоа, сите живи суштества се амеби, меѓутоа без свест за своето амебозно потекло. Некои потсетувале дека амебите се составени од минерали и дека на светов се се сведува на минерали. Стварноста, се потсмевале тие, е минерал до минерал. Идејата беше да се исмее тезата на некои бугарски историчари дека Македонците сме биле Бугари, бидејќи својот корен сме го имале во бугарската нација; дека, со други зборови, сме биле разбугарчени Бугари. Воедно, сакав да укажам и на ограниченоста на идејата за етногенезата, бидејќи ако се следи нејзината логика, нужно се доаѓа до комични и апсурдни заклучоци.

И покрај сите нелогичности, денес некои „историчари” како и некои „интелектуалци“, упорно ја форсираат тезата за настанувањето на нациите. Во наша, македонска верзија, некои историчари и археолози, без да имаат посебен емпириски и научен материјал, тврдат дека ние Македонците сме биле директни потомци на античките Македонци. Меѓутоа, ако постоењето и објаснувањето на одредена нација се поврзува исклучиво со биогенезата и проблематичните ДНК анализи, тогаш се запаѓа во биологизам, изумувајќи ја елементарната вистина дека нацијата не е биолошка, туку историска категорија, во која се вклучени/резимирани бројни културолошки, јазички, вредносни, економски... елементи, без кои постоењето на било која нација би било неможно.Значи, се работи за редукционистички пристап кон нацијата и кон нејзиното настанување. Од друга страна, биологизмот во историјата, како и во општествените науки воопшто, одамна е напуштен, освен од некои тврдокорни теоретичари. Не смее да се изуми дека токму за времето на нацизмот германската пропагандна машинерија, преку неадекватното толкување на Рихард Вагнер, германската нација ја враќаше во времето на Зигфрид и Нибелунзите, на Тевтонците и Тевтонските шуми, барајќи ја таму тајната за постоењето на германската нација. Воедно, цели тимови на лекари и биолози беа ангажирани од Адолф Хитлер чија задача беше да се создаде повисока, ариевска раса, чии директни потомци би би биле, според налудничавото мислење на „мирољубивиот“ Адолф, современите Германци. Според некои податоци, Хитлер сакал границите на Германија да ги помести до Иран и Индија, од каде што, според некои мислења, потекнувале Ариевците. Односно, дека коренот на сите индоевропски јазици и народи е во народот што е над сите народи, во Ариевците.

Денес, нешто слично се случува и во Македонија. Се разбира дека Македонија е далеку од моќта на нацистичка Германија, ниту во неа доминира нацистичкиот дух. Сепак, и на овие појави, колку и да се минорни, мора да се предупреди, како што мора да се прави разликата помеѓу постоењето на една нација и процесот на нејзиното настанување. Односно, сеедно на корените, факт е дека македонската нација постои. Додуша, ако некој има доволно сила да го поништи овој факт, тогаш останува фактот дека овој факт е уништен. Фактот дека македонската нација е уништена не ќе може никој да го уништи. Затоа, прашањето за постоењето или непостоењето на македонската нација не е теориско, туку практично прашање, прашање на фактите. Тие, пак, говорат дека постоиме.