Интервју
Aматери не можат да вадат oргани
Д-р Алексеј Дума, шеф на Институтот за форензичка медицина и криминологија
Соња Крамарска
Господине Дума, обвинувањата до косовскиот премиер за илегална трговија со човечки органи се вест број еден во светот. Дали е можно такви операции да се изведуваат во импровизирани услови, како што се споменува некоја жолта куќа во Албанија?
Потребно е минимум услови да бидат задоволени за експлантација (вадење, н.з.) на органи од човечко тело. Мора да има операциона сала, мора да бидат задоволени сите услови за сепса и антисепса. Методата за вадење органи е стандардизирана метода која не дава големи шанси за импровизација. Извадениот орган може веднаш да се трансплантира во истата сала на друг рецепиент (примател, н.з.) или под одредени строги услови може да се транспортира до друга здравствена институција. Денес транспортот не е никаков проблем со оглед на тоа колку брзи превозни средства постојат и брзо може да се стигне до дестинацијата. Дури, има и специјализирани институции за транспорт на човечки органи, кога станува збор за легални трансплантации со согласност на донаторот или на семејството. За илегалните не знам и не можам да кажам, но едно можам да гарантирам, а тоа е дека во обдукциска сала се невозможни такви операции. Потребна е високодезинфицирана операциона сала за да се заштити органот од инфекции и од трауматизација во текот на работењето и да се подготви, односно да се извади така за да може полесно да се пресади.
Значи, потребно е високо стручно знаење или тесна специјалност за таквиот вид операции?
Апсолутно. Тоа треба да го прави хирург. Јас не знам дали има некои приучени амали да го прават тоа, но, во принцип, тоа е хируршка интервенција.
Колку време живеат органите откако ќе се извадат од матичното тело?
Зависи во што се земаат и како се подготвуваат. Постои постапка за подготвување и за чување, која дозволува по одредено време да бидат трансплантирани. Се разбира, колку е пократко времето од нивното вадење до нивното пресадување, толку се поголеми шансите да биде успешна трансплантацијата.
Каде се носени органите од Косово, доколку тврдењата на Дик Мартин се точни. Дали само во околните земји или подалеку?
Транспортот во денешно време не е никаков проблем.Колку време по настапувањето смрт може да се користат органите? По дијагностицирањето на смртта, телото на умрениот се држи во ладна состојба, значи не се симнува од апаратите за реанимација. Тоа зборувам за класичните, стандардните услови кога сето тоа се спроведува законски. Со ладната перфузија може да се држи подолго време органот во живот. Бидејќи не го симнувате од апаратите за живеење, од асистирано дишење и циркулација. И органот живее со помош на машините.
Како се постапува ако е во прашање насилна смрт или, еве поконкретно, наменска смрт, за да се земат органите?
Во нормални услови смртта мора да се случи во здравствена институција. Не може, на пример, да се убие човекот во Дебар, па од Дебар да се пренесе во Скопје за да му се земат органите. Тоа не е возможно, бидејќи настапуваат дефинитивни промени кои го оштетуваат трајно органот што треба да биде искористен. Инаку, познато е дека одредени ткива и органи живеат подолго време по настапување на смртта. Но, тоа не значи дека тие се подобни за натамошно вадење и трансплантирање друг пациент.
Возможно ли е да се направи таква операција само со дрогирање на жртвата, ако нема време, нема доволно апаратура, доволно стручен персонал, ако се изведува набрзина, илегално? Можно ли е тоа од медицински аспект?
Можно е се'. Ако му дадете одредена хемиска супстанција, која ќе го доведе во длабок сон или анестезија, возможно е дотолку повеќе ако не се грижите за неговиот живо��. Ако не се грижите за неговиот живот, понатаму не треба да преземате мерки со кои потоа може да го вратите во живот. Кај екстремно криминалните зафати претпоставувам дека донаторот се жртвува по земањето на органите. Сигурно нема за еден бубрег да го легнат на маса. Ќе му земат се' што може да се земе.
Но, и кај илегалните постапки мора првин да е пронајден примател на органот, по потоа се пристапува кон негово вадење од жртвата? Тогаш мора да се вклучат повеќе медицински стручњаци кои ќе направат анализи и кај донаторот и кај примателот?
Тоа сигурно не е по принципот - двајца седнале и се договориле да го прават тоа. Тоа мора да е сериозна и тешка организација со меѓународни комуникации, со своја развиена мрежа во делови од светот, со здравствени институции. Не може да седнат двајца будали и да почнат да вадат човечки органи и да ги продаваат. Не е така. Тоа е сериозен систем развиен во подземје, каде што се врши типизација на ткивата, па информации за типизација на ткивата на приматели на органот, комуникации меѓу нив, транспорт, начин на трансплантирање, поминување на царинските бариери. Сето тоа е една сериозна меѓународна организација. Доколку навистина постои, нели. Јас не сум сигурен дали тие обвинувања се точни (за Хашим Тачи, н.з.) или, пак, е нечија конструкција со политичка заднина.
Колку време трае една таква операција, ако се изведува во нормални услови и ако се изведува набрзина, илегално?
Не знам колку трае набрзина, но знам дека луѓево овде кога работат редовни операции од таков вид, за тоа е потребен цел тим лекари. Работат голем број колеги, на разни нивоа. Самата интервенција трае сигурно повеќе од 5-6 часа.
Колку доктори се потребни за вадење орган?
За вадење органи се потребни ист број доктори колку и за трансплантирање. Еден тим го вади органот. Тука мора да има хирург, тука мора да има анестезиолог, мора да има и помошник на хирургот, инструментарка, луѓе кои ја одржуваат апаратурата. Ист таков тим учествува и при трансплантирањето.
Добро, а ако се изведува илегално, без да се води сметка за животот на донаторот, може ли со помалку луѓе да се направи таа операција, да се собере тим набрзина?
Не знам, но кај се' што е илегално, во основа е да се направи голем профит со мала работа или мал трошок. И сигурно такви луѓе прават помали трошоци за да останат повеќе пари и да ги поделат меѓу себе.
Господине Дума, Скопје е на два часа од Приштина. Ве загрижува ли тоа што краците на една таква монструозна активност, ако навистина се случила, би можеле да водат и кон Македонија?
За тоа своевремено се зборуваше, а некои се обидоа и нас како институција да не' инволвираат. Едно знам дека мафијата, криминалот, не познаваат граници. И дека тоа не поминува низ регуларните гранични премини и царински бариери. Тие, главно, се моќни организации. Знам дека едно време МВР покажа интерес, се обидувавме да најдеме некакви траги, некој конец или нишка што би не' одвела некаде, но не успеавме да најдеме. Лично мислам дека такви активности нема во Македонија и дека нема болници што би можеле да го прават тоа. Полицијата се обиде да пронајде илегални болници од таков тип, но не најдоа. Дури не најдоа ни основни сомневања дека е возможно такво нешто во Македонија. |