Пеш од Битола до Скопје без одмор

Неверојатен подвиг на познатиот спортист и маратонец Емил Илиќ, кој за 36 часа препешачи 204 километри

Миодраг Мицковиќ

Ќе влезе ли подвигот на нашиот познат маратонец и спортист Емил Илиќ во книгата на Гинисови рекорди? И заслужува. Никој досега не успеал да мине пешки 200 км без и малку одмор, без сон 36 часа, да седне покрај долгиот пат малку да ги одмори нозете, кои му беа потечени од долгото одење. Кога пред неколку дена напишав дека Емил ќе пешачи од Битола до Скопје во чест на празникот 8 Септември, пријателите ме прашаа колку дена ќе му биде потребно.

Не му беа потребни денови, тој пат од точно 204 километри, по многу лошо време, по студен и ситен дожд, со ветер што постојано му дуваше во градите, го мина за неверојатни 36 часа. Беше предвидено да пешачи околу 48 часа, да пристигне во Скопје на плоштадот „Македонија“ на 8 септември во 16 часот. Ги изневери своите пријатели, луѓето кои требаше да го пречекаат. Во скопје наместо во 16 часот, пристигна во раните утрински часови околу 4 часот. И самиот не веруваше дека беше толку брз.

„Од Битола тргнав на 6 септември, во 16 часот, знаев дека ме очекува долг пат, знаев дека многумина не веруваа во мене, не веруваа дури и моите придружници, екипата на МТВ, која ме следеше и го снимаше секој мој чекор“, ни раскажува Емил Илиќ, кој во 2005 година пешачеше од Скопје до Брисел, пат долг 2.550 километри, за 60 дена. „Но, јас бев цврсто решен да успеам, иако не знаев како ќе се чувствувам на тој пат, ќе ги издржи ли мојот организам тие натчовечки напори. Стравував единствено да не ме фати сон, бидејќи речиси две ноќи не спиев, чекорев кон Скопје“.



Кога ја почувствувавте првата криза?

На околу 110 километри изминат пат, кај Росоман. Не почувствував замор, туку силна желба за спиење. Но, знаев дека не смеам да застанам, ако седнев покрај патот да се одморам, бев свесен дека веќе нема да станам. Морав да се движам, да одам напред. Кај Прилеп нозете ми беа потечени, првпат ги сменив патиките, јас носам број 45, до Скопје уште двапати ги менував, кога пристигнав на целта нозете ми беа толку потечени, како за три броја поголеми обувки. На патот сменив 14 маички. Само трипати застанав кога ги менував патиките, од замор не можев сам, па врвците ми ги врзуваа членовите од придружбата. Втората криза ме фати на влезот на Скопје, ги гледав светлата, почна да се разденува, а тогаш почнав да сонувам топла постела, но тука на влезот дојде мојот кум, познатиот каратист Назим Куртовиќ, кој ме бодреше да издржам и успеав.



Размислувавте ли за нешто додека одевте?

Постојано си повторував, Емил мораш да издржиш, мораш. За тие 36 часа слушав само една музика и песна од Рамазоти, не ми беше здодевно, таа ми даваше поттик.



Што јадевте и што пиевте?

Во одење изедов две кифли, два домата, една краставица, две чоколади, две паштети и многу мед. Испив само една „кока-кола“. Неколкупати мокрев, но во движење. Смешно, но вистинито. Имав сила во телото, но нозете ми беа проблем. Се движев на работ од патот, каде што има многу нерамнини, подлогата е тврда, што и ми правеше проблеми. Полесно ми беше да пешачам ноќе, имаше помалку сообраќај, дење морав да внимавам да бидам на работ од патот. Зад мене постојано одеше едно возило од придружбата за да ме заштити, а во тунелите едно напред, едно позади. Кај Росоман ме нападнаа кучиња, па на целата мака морав и малку да трчам за да побегнам. За среќа ме спасија придружниците. И да не заборавам, на патот испив два литра вода и на секои осум часа пиев лекови за шеќер и маснотии. За жал, ги имам.



По пристигнувањето во Скопје бевте хоспитализиран?

Кога на крај седнав, завиткан во ќебе, тоа утро беше студено, почувствував силни болки во глуждовите на нозете и на рацете, и тие беа потечени, како сите коски да ми се скршени. Ме ставија во количка, дојде возило на итна помош, ме однесоа во Градска болница, а потоа и во Клин��чкиот центар каде што ми ги санираа болките. По овој долг пат, ако ми верувате, иако очите ми се затвораа од замор и неспиење, спиев само два часа. Не можев ниту да јадам иако бев многу гладен. На крај, сакам да им се заблагодарам на сите што ми се јавуваа на мобилен телефон и ме бодреа да издржам, прашувајќи ме до каде сум, уште колку имам до Скопје. На луѓето од Агенцијата за млади и спорт, Сојузот на спортските федерации на Македонија, кои ми помогнаа да го остварам овој голем подвиг, рече на крај Емил Илиќ, спортист кој покажа дека за човекот како да нема граници на неговите можности.


#