Си велам

Утрешниот леб на Левчев

Ерол Ризаов

Исправме еден голем срам, можеме длабоко да воздивнеме

Ете и тоа бидна. Бугарски поет го доби највисокото поетско признание - Златен венец на Струга. Не се прелеа Охридското Езеро. Не се урнаа мостовите. Се' си стои на свое место. Дрим и натаму тече спокојно. Колку влегува кај Свети Наум, толку излегува кај Струга. Само водата на истекот е потопла. Се загрева троа на долгиот пат низ езерото, а годинава и еден-два степена повеќе од измиените децениски комплекси на македонските и на бугарските писатели и од жешките глави на политичарите наши и бугарски и разни други великодостојници, мудреци, историчари, новинари и паталци по чистотата на нацијата, верата ни и јазикот наш насушен. Можеме длабоко да воздивнеме. Не переме само пари. Исправме и еден голем срам. По половина век се закити и нашиот прв комшија со Лавров венец. Венцоносецот, големиот бугарски поет, Љубомир Левчев, ни го даде најубавото име: Македонија - република на поезијата. Поетска Република Македонија не е географска додавка, не е ни национална, не е ни верска. Таа е вселенска.

На Струга дојдоа и нашите и комшиските политичари. Добро е што дојдоа. Овој пат не да го чујат својот глас, не да го видат пустошот што зад себе го оставиле политичките идеолози напластувајќи со децении омраза, тоа го гледаме и го слушаме секој ден, туку да го чујат гласот на поезијата и на љубовта, да видат како низ стиховите на Левчев историјата добива една поинаква димензија. Човечка. Да видат како томови и томови идеологија можат да добијат една нова боја, една поинаква светлина. Да го чујат лелекот на Левчев:

Се' се враќа момче мое

само времето

само времето никогаш не се враќа...

А од каде може да се украде време?

- Ќе ти одговорам, се разбира,

од себеси

само од себеси.

Си велам, го слушнаа ли ова нашите македонски и бугарски водачи на световната власт, го чуја ли овој тажен пискот на последните големи литерарни локомотиви, кои одамна чемреат и чекаат да се наполнат вагоните со човеци. Па, да тргнеме по посреќна иднина. Ако не слушнале, а само се сликале со наместени насмевки ќе поминат како многу луѓе, како многу нивни претходници „омразени од историјата“. Од една многу поинаква историја пишувана со човечки ракопис за животот и за слободата која овозможува откривање на „човечките и општествените вистини“. Ако ова го слушнале белки ќе престанат да крадат и од своето, но и од нашето време и од времето на нашите деца.

Левчев не пее, тој опоменува, прашува, испраќа благородна, но тажна порака безвременски точна и прецизна:

Човекот, обземен од историјата,

Сака да одлета од себеси.

Тој размавнува со крилјата

коишто ги нема.

Велик е, ако загине

Кутар е, ако оздрави.

Затоа не тој, туку историјата одлетува...

Историјата е недофатлива...

А еве со децении и ние и комшиите го ловиме минатото, како несмасни дебелковци кога ловат со смешна мрежичка пеперутки. Бараме подлабоки корени, копајќи во неродната дамна згасната пепел, а запустувајќи ги сопствените родни ниви. Сакаме пославна историја, која ја ставаме во кафези само за себе, а им припаѓа на сите. Така ја мелеме историјата како силажа за говеда. Ги монтираме чувствата на нашите предци во сегашните глави. Ги инсталираме како чипови во нашите мозоци трајно оштетувајќи ги, иако не бевме биле таму, иако не сме ги виделе ни чуле, туку ни раскажувале инженерите на душите во име на победниците и на поразените, кои ѓоамити добро знаат што мислеле и зошто војувале нашите и вашите, моите и твоите и сите на Балканите.

Љубомир Левчев испрати уште една силна порака. Јас ја слушнав:

Политичарите ја разигруваат мелодрамата

„Кој ја украде родната пченица?!“

Но, останува сличноста меѓу лебот и човекот

Скриена зад различните имиња...

Не, на денешниот леб што се продава,

Не, на вчерашниот што се фрла...

Тајната на утрешниот леб ми треба:

Лебот што се бакнува.

На Македонија и на Бугарија им треба утрешниот леб како никогаш досега. Левчев ја откри тајната како лебот на љубовта и вистинското пријателство се меси и се пече. Во можеби најубавата песна „Утрешниот леб“, тој ни ја сервира добро зготвената турли-тава - „тажната поема на транзицискиот бугарски, балкански, европски духовен и социјален чемер“.

Политичките елити на двете земји заедно со умните и мудри луѓе треба да ги прифатат реалностите на новото време и да го тргнат, конечно, невидливиот Берлински ѕид и на Балканот. Невозможно е да се одвојуваат состојките на турли- тавата откако се крчкала на оган со векови. Утрешниот леб навистина ни треба на сите. Не за да го заситиме гладот, туку да ги наполниме очите и душата. Оти кај сиромавиот очите се полни со помии. Сиромаштијата е ќорава на се' друго освен на лебот. А и тој во подоцнежните години станува отров, вели поетот.

Сега сум голем фан на чудесниот Левчев, малку засрамен што на 60 години ги открив неговите стихови. Читајќи ги неговите неспокојства и јанѕи, кои не се скриени како Кодот на Да Винчи, Левчев ни поставува тешки прашања со едноставен јазик чии одговори наведуваат на друг однос кон митовите и историјата од кои најмногу страда не само Балканот, туку добар дел и од светот. Се разбира, Левчев не е против митовите и историјата, но тој ја поставува вешто загатката и дилемата како тие да се „осовременат и преосмислат, а не да се претворат во стереотипи и во тривијалности“. На што, еве и во 21 век сме секојдневно сведоци и се' уште добри потрошувачи.

Благодарја маестро Левчев...

Допишете ја спокојно Вашата книга на животот. Би сакал да го чујам молкот на строгиот поет по добро завршената работа. Вашиот кладенец нема да секне, чинам, никогаш.


#