Тројца загинати во стравичен судир

Автомобил се заби во автобус. Шестмина патници
се полесно повредени во несреќа кај Кавадарци

Ангел Данов


КАВАДАРЦИ - Стравотна сообраќајна несреќа во која три лица го загубија животот вчераутро се случи во близина на селото Фариш кај Кавадарци. Автомобил се заби во автобус, при што загинаа сите тројца патници во патничкото возило. Сообраќајот на патниот правец Градско - Прилеп беше во прекин неколку часа.

Катастрофалниот судир што се случи вчера околу 6,15 часот беше кобен за 40-годишниот Велче Стојановски, Аница Блажевска (30) и за Весна Синадиновска (38) од Македонски Брод.

Според првичните сознанија на истрагата, автомобил „сеат леон“ со италијански регистарски таблички управуван од Стојановски, кој бил на привремен престој во земјава, а живеел и работел во Италија, со огромна брзина удрил директно во автобус на „Балкан промет“ од Радовиш. Од силниот удар возачот и двете сопатнички во автомобилот загинале на самото место, додека шестмина патници во автобусот се здобиле со лесни повреди, од кои двајца се пренесени во кавадаречката болница.

„Отспротива ми наиде возило со огромна брзина. Патот беше лизгав и автомобилот се занесе, по што удри странично. Првото што се обидов да го направам кога излегов од возилото беше да им дадам помош на луѓето во автомобилот. Но, немаше спас за нив“, вели возачот на автобусот Коце Бојаџиев (50). Видно исплашен од трагедијата, тој рече дека немало никаква шанса да се избегне ударот, бидејќи од десната страна на патот имало рид и тој немал можност да го избегне налетот на автомобилот.

Од полицијата велат дека телото на загинатиот возач на автомобилот е предадено за обдукција, а телата на двете сопатнички им се предадени на семејствата. Причините за директниот судир, кој беше фатален за тројца македонски државјани, ќе се знаат по добивањето на резултатите од обдукцијата и увидот што го вршеа кавадаречката полиција, истражен судија и јавен обвинител.

Додека траеше увидот, сообраќајот беше во застој 2,5 часа, поради што беа формирани километарски колони од автомобили. Екипи на Противпожарната екипа од Кавадарци го сечеа смачканиот автомобил за да ги извадат телата на загинатите.

Упатените велат дека на регионалниот пат Градско - Прилеп постојат шест црни сообраќајни точки, со опасни и остри кривини, кои се и најчеста причина за излетување на возилата од патот. Жителите од Фариш и сопствениците на лозови насади во близина на местото каде што се случи вчерашната несреќа велат дека на овој патен правец се вози со огромна брзина и многу често излетуваат автомобили од патот во лозјата.


#