Нина Нинеска-Фиданоска главен и одговорен уредник на „Утрински“

Од денеска нов главен и одговорен уредник на „Утрински весник“ е Нина Нинеска-Фиданоска, досегашен уредник на Економска рубрика. Нинеска-Фиданоска е во „Утрински“ од неговите почетоци во 1999 година. Во нејзиното долгогодишно професионално искуство се докажа како вистински професионалец во новинарството, особено во темите со економска проблематика.

Сакаме да ги увериме нашите читатели дека промената на кормилото на „Утрински весник“ нема само формален карактер. Наша желба е овој медиумски бренд да добие малку поинаков лик од оној што го имаше досега. Сакаме да бидеме модерен и амбициозен весник што ќе има похрабар пристап во обработката на темите.

Главна цел ќе ни биде полека да ја освојуваме и младата читателска публика, која во изминатиот период се презасити од темите стриктно посветени на високата политика и на економијата. Токму затоа, ќе им понудиме и нови содржини на нашите читатели, нешто поразлично од она што досега имаа шанса да го прочитаат.

Нашата визија е тие во нас да добијат медиум што нема само да ги констатира нештата. Во нашите теми публиката ќе мора да препознае некој свој интерес, на пример, како најлесно да се најде работа, како да се напредува во кариерата, како да се добие повисока плата, како да се инвестираат слободните пари...

Ќе им посветиме внимание и на науката, забавата, социјалните мрежи, за нас ќе биде интересно буквално се' што би можело да ги заинтригира читателите.

Тоа не значи дека сериозните политички и економски теми нема да најдат свое место на страниците на „Утрински весник“. Но, и тие ќе бидат обработувани од поинаков аспект, во смисла да им се даде човечка димензија, а граѓаните да можат да препознаат како тие настани ќе влијаат врз нивното секојдневје. Ќе настојуваме да ги оставиме во минатото обичните пренесувања на бирократските информации и на партиските препукувања, кои не служат никому, освен на оние што ги лиферуваат.

„Утрински весник“ ќе биде објективен, професионален и непристрасен весник, медиум што ќе остане целосно независен, без никакви политички, партиски, бизнис или какви било други влијанија. Ништо и за никого нема да „одработуваме“, ништо и никому не долгуваме, освен на граѓаните, на нашите читатели, за кои и го создаваме весникот.

Убедени сме дека заедно со нашата искрена желба и ентузијазам, но и со ваша помош, ќе бидеме успешни и ќе ги оствариме целите што ги зацртавме.


#