Поглед

Ченто во „Тренд“

Деспина Трајковска

И Ченто безмалку ќе пиеше кафе во „Тренд“. Застана на локацијата резервирана за него на чекор до познатото кафуле.

Мермерната скулптура на првиот претседател на президиумот на АСНОМ се издигна вчера изутрината под надзор на стотици граѓани. За кусо време се поделија мислењата за уметничкото поентирање на авторот, но речиси со ист став беа сите по однос на локацијата на која е поставен споменикот. Издигнат речиси под сенка на тендата на кафулето, великанот од македонската историја на момент како да се потцени. Се чини, несреќно му е избрано местото. Недостојно за негов лик иако се надвиснува на пет метри со тежина од 25 тона.

Многумина минувачи веднаш по поставувањето на првиот мермерен споменик на плоштадот, коментираа дека или нему не му е местото таму или, пак, треба да му се обезбеди соодветен комшилак. Проблемот се чини, сепак, не е дискутабилен. Ако се има предвид дека во случајов локацијата за него е избрана симболично, бидејќи некогаш таму во хотелот „Македонија“ Ченто често престојувал, значи претседателот е добро вдомен. Висат тендата и дел од инвентарот на „Тренд“.

Е, токму е сега моментот надлежните општински и градски власти да интервенираат на терен и да го стеснат кафулето. Иако, наводно, тендата на кафеанџиите (кои се докажаа како најнедисциплинирани во градов) е законска во случајов таа не личи да го засенува првиот претседател на АСНОМ. Во ваква или таква позиција тој сигурно ќе биде атрактивен, но многу повеќе доколку може да дише околу него. Веројатно, не треба Ченто да биде свртен со прстот вперен накај „Тренд“, па дури тогаш некој да се свести и, конечно, да ги дисциплинира оние што користат јавни пешачки површини.


#