Сите се оградуваат од „тигарот“ Спасов
Никој не кажува по чија наредба специјалецот од Куманово го обезбедувал премиерот
Даниела Трпчевска
„Тигарот“ Игор Спасов остана сам во драматичниот развој на настаните откако брутално го претепа до смрт 22-годишниот Мартин Нешкоски во центарот на Скопје за време на победничката прослава на ВМРО-ДПМНЕ. Специјалецот, кој бил распореден до полноќ да го следи мирното спроведување на изборите во Куманово, неофицијално добил вонредна задача – да го расчистува патот по кој се движи раководството на ВМРО-ДПМНЕ за време на изборната победа на плоштадот во Скопје. По чиј налог дошол во Скопје и кој го повикал телефонски, никој не открива.
Премиерот завчера изјави дека осомничениот, како што му пренела министерката за внатрешни работи, работи во единицата „Тигри“, но не бил по распоред на службена должност. „Судот натаму ќе си го расветли случајот“, рече премиерот Груевски.
Но, телевизиските камери и фоторепортерите го снимија Спасов само десет минути по полноќ, во блиското опкружување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. На фотографиите може да се забележи штипјанецот како од десната страна го обезбедува движењето на ВИП-личностите кон скопскиот плоштад, каде што по полноќ граѓаните на големо ја славеа изборната победа.
Игор Спасов, според информации од МВР, од 2000 година бил во редовите на полицијата. Поминал тренинзи за специјални вештини, а во 2001 година бил распореден во кризните региони за време на воените дејства, што деновиве го потврди и првиот човек на Достоинство, Стојанче Ангелов.
„Игор учествуваше во воениот конфликт во 2001 година, и тоа од првиот до последниот ден. Одамна говорам дека сите припадници на единицата ’Тигар‘ што учествуваа во борбите во земјава пред 10 години боледуваат од поствоен синдром. Потребна им е професионална помош. Едноставно, тие се темпирани бомби. Ако не биде нешто сторено за да им се помогне, тогаш може ова да не биде последен инцидент“, изјави Ангелов за агенцијата Нетпрес.
По завршувањето на кризата, штипјанецот бил ангажиран за обезбедување ВИП-личностите во државата. Од Владата тврдат дека тој не е дел од обезбедувањето на премиерот. „Спасов не е дел од обезбедувањето на премиерот Никола Груевски. За тоа се грижи друг тим на вработени во МВР“, објаснуваат од Владата.
Специјалецот во неделата имал добиено точно утврдена писмена наредба што требал да ја почитува. Согласно со оперативниот план на МВР, кој беше изготвен за одржување на мирот и безбедноста на денот на изборите, Спасов бил распореден на должност во Куманово.
„Со наредбата, тој до 24 часот во неделата требало да биде во Куманово“, вели помошник-министерот за информирање во МВР, Иво Котевски. Според него, не постои друга писмена наредба со која Спасов бил повикан да дојде во Скопје.
Според Котевски, „тигарот“ првично по приведувањето во полиција, пред колегите кажал дека имал усна наредба да дојде на централната прослава во Скопје.
„Но, ние не можеме да го потврдиме или да го провериме тоа бидејќи не постои никаков писмен документ“, вели Котевски. Целиот случај се разгледува и од страна на Внатрешната контрола на МВР, која треба да утврди кој бил работниот ангажман на „тигарот“ и по чиј повик дошол да го обезбедува раководството на владејачката партија.
Согласно со прописите за полициското работење, припадниците на МВР постапуваат во согласност со писмени наредби и претходно утврден план за дејствување. Никој не ја исклучува можноста Спасов да бил ангажиран за обезбедување на трасата или, пак, за општата безбедност на плоштадот за време на прославата, но засега никој не открива на чиј повик го правел тоа.
Спасов е во притвор и ќе одговара за убиството на 22-годишниот Мартин, за кој веќе четири дена се одржуваат масовни протести на млади низ улиците на главниот град. Бруталното претепување на момчето го забележале многубројни очевидци, кои виделе како специјалецот го брка момчето, тоа се сопнало на кабел кај бините на Баскер-фест, по што добило четири фатални удари по телото и главата. Поради крварење во мозокот починало на самото место.
Министерката за внатрешни работи најави дека е во тек истрага, со која треба да се утврди евентуалната одговорност и на други полицајци што се нашле на местото на убиството, а не презеле ништо за да го пријават. Како што дознаваме, станува збор за двајца полицајци што патролирале на плоштадот, а „тигарот“ ги повикал на помош откако видел дека момчето не реагира по бруталното претепување. Со оглед на тоа дека Спасов молчел за време на истрагата, дополнително треба да се утврди со кое објаснување ги оставил полицајците со починатото момче на плоштадот и како потоа успеал да се протне незабележан меѓу толпата без да го пријави случајот во полиција.
Тој пред колегите молчел и за мотивите за убиството. При првичните разговори во полиција кажал дека по вербална расправија почнал да го брка момчето, но семејството на младиот Мартин тврди дека 22-годишникот бил претепан до смрт затоа што се обидел да се качи на бината за да и' ја честита победата на владејачката партија. |