Имало, немало - секогаш се наоѓа за нов ЛЦД-телевизор
Со кредити или рати, македонските граѓани се снаоѓаат за да дојдат до најновите и најскапите апарати за домаќинство
Сања Наумовска
Криза или не, македонските граѓани и натаму се љубители на модерни апарати за домаќинство со најнови технологии. Не ги плашат ниту високите цени ниту опаѓањето на квалитетот. Иако статистиките покажуваат дека стандардот во Македонија секоја година е се' понизок, сепак, граѓаните и натаму наоѓаат начини да си ги дозволат посакуваните производи, а во повисоките цени препознаваат квалитет. Тоа најмногу се должи што тие се „изгорени“ од производите со пониска цена, па поучени од изреката „сиромавиот двапати плаќа“, се решаваат за поскапите варијанти на техниката.
Нов и поголем ЛЦД за гледање на новогодишната програма или најнов модел замрзнувач за зимницата се хит-производи во зимската сезона. Или, пак, луксузна машина за перење и сушење со која ќе заборавите на јажињата и здодевното пружење и собирање на алиштата. Во лето клима-уредите се неприкосновени, па дури големите синџири продавници мака мачат да обезбедат доволни количини за да ги задоволат потребите на пазарот. За цена во тие услови ретко некој прашува. За поголема комоција и уживање во домот, не се размислува многу. Кредити, рати без камата, картички или купување преку синдикат - се најчестите начини на кои македонските граѓани купуваат апарати за домаќинство.
Во услови на голема конкуренција и масовно производство овие модели на продажба им одговараат и на компаниите. Агресивно се нудат фрижидери, шпорети, телевизори во различни големини, правосмукалки, замрзнувачи... Се рекламираат со флеари, се прават сезонски акции, се нудат пакети од типот „купи фрижидер, земи микро гратис“.
Во поголемите маркети што продаваат апарати за домаќинство велат дека цените на новите модели, кои се менуваат најчесто на секои 6 месеци, во просек се од 10 до 20 проценти повисоки, во зависност за кој тип производ се работи. Но, од друга страна, пак, нагласуваат продавачите, цените на постарите модели одат надолу, па така понуда има за секој џеб. Сепак, очите на македонскиот купувач секогаш се лепат за најновото, и се разбира, за најскапото.
„Брендовите што ги нудиме се секогаш барана стока и најчесто граѓаните не прашуваат за поевтиното, туку го избираат најновиот модел. Се разбира, и компанијата има многу начини со кои поскапите производи им ги прави подостапни на купувачите. Тоа е, пред се', купувањето на рати и без камата, што е и разбирливо, бидејќи и ние се соочуваме со голема конкуренција на пазарот“, велат во „Нептун“. Големата понуда на различни производи секогаш носи ризик дека може да се продадат и неисправни апарати. Многу често се случува на купувачот веднаш да му биде заменет расипаниот производ со нов, а ако има можност и се користи гарантниот рок, па се носи на поправка. Сепак, велат во „Нептун“, ова се ретки ситуации што неизбежно се случуваат кога се продава техничка стока.
„’Горење‘ е многу почитуван бренд во Македонија и граѓаните имаат многу доверба во нашите производи“, велат во оваа компанија. Потврдуваат дека и во изминатава кризна година за нивните производи има голема заинтересираност, што се одразува и на продажбата. Се бараат најновите модели на фрижидери, машини за перење, шпорети. Хит се и машините за садови, кои се најбарани од младите брачни парови. „Речиси на сите апарати рокот на гаранција е зголемен на три години, што е дел од нашето дополнително залагање да им излеземе во пресрет на купувачите. Имаме и развиена мрежа на сервиси, така што проблемите со дефектите се сведени на минимум“, информираат од „Горење“. |