Државата трие раце од старите коли
Од увозот на стари коли оваа година во буџетот се слеале 11 милиони евра
Александрија Стевковска
Од увозот на половни возила годинава државата ќарила 11 милиони евра. Се работи за пари слеани во буџетот од увоз на користени автомобили со ЕУРО 1 стандарди, односно стари до 18 години. Сето ова беше овозможено со Одлуката за привремен увоз на половни возила која Владата ја донесе во март годинава и требаше да важи до 5 август, но беше продолжена до 30 септември 2010 година, а имаше цел обновување на возниот парк на граѓаните. Сега и во наредните шест години во сила е увоз на возила со стандард ЕУРО 2. Од Владата најавуваат дека поволностите за купување возила ќе продолжат и идната година, кога се укинува царината за увоз на сите возила со потекло од ЕУ.
„Владата, охрабрена од успехот на мерката за увоз на половни автомобили и во 2011 година планира да продолжи со намалување на царината, односно со дополнително смалување на трошоците, преку тоа што ќе воведеме нула проценти царина за увозот на возила од ЕУ“, истакна вчера вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, без притоа да прецизира дека тоа е обврска на земјава согласно со Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ.
Тој даде позитивна оцена за акцијата на увоз на користени автомобили со ЕУРО 1 стандардите. „Планираната цел со дадените поволности за увоз на половни возила и дополнителните шест месеци за пререгистрација на возилата со странски регистарски таблички е постигната, бидејќи граѓаните добија можност да дојдат до возила и да се обнови возниот парк во државата со подобрување на нивниот просечен квалитет и со повисоки екостандарди“, додаде Ставрески.
Податоците покажуваат дека во изминатите месеци вкупно се увезени 51.225 возила, од кои 5.480 се нови, а 45.745 употребувани. „Вкупниот увоз на возила е зголемен за четири пати, а кај половните за 15 пати. Нето-ефектите во буџетот изнесуваат 11 милиони евра и тоа шест милиони евра од царина, а пет милиони евра вкупно од акциза“, додаде Ставрески.
Тој појасни дека со владините мерки граѓаните ги искористија повластиците што им беа понудени, при што наместо 2.800 евра, плаќаа вкупно 700 евра по увезено возило, што произлезе од намалувањето на сите давачки за увоз и легализација на старите автомобили.
Директорот на Царината, Ванчо Каргов, појасни дека во однос на структурата на возилата има огромно намалување на интересот за пониски категории возила до 1.000 кубни метри од 9,2 за минатата година, на 3,2 проценти оваа година наспроти зголемувањето од 4,7 на 26,3 отсто за возилата од повисока категорија.
„Од вкупно 46.000 илјади увезени половни возила, околу 10.000 се возила кои се возеле на патиштата во Македонија“, вели Каргов.
Во однос на користењето половни возила со странски регистарски таблички по 30 септември, одговорните објаснуваат дека сопствениците ќе можат кумулативно да ги користат шест месеци во една година на територијата на државата, по што ќе следуваат соодветните мерки. Доколку не се постапи по таквото решение, може да дојде до привремено одземање на возилото. Казна за користење на возилото повеќе од дозволените шест месеци е 100 евра, или 50 евра ако се плати веднаш.
„Се евидентира кога тоа возило влегува во Македонија, истовремено граѓанинот што влегува со такво возило треба да има точно дефинирано каде живее, дали во Македонија или во друга држава. Тоа не значи дека во Македонија нема да може да се управува возило со странски регистарски таблички, туку мерките ќе се однесуваат за тие што не ги почитуваат одредбите за привремен увоз на возила“, рече Каргов.
Ниту Каргов ниту Ставрески не сакаа да прецизираат на колку сопственици на странските возила со двојно државјанство не им било дозволено изминативе три дена ниту да влезат ниту да излезат од земјава.
„Не се пуштени и нема да бидат пуштени, бидејќи ги намаливме трошоц��те до 700 евра за просечно возило и никој не смее поради тоа да го пречекорува законот. Се надеваме дека од медиумите ќе добиеме поддршка за овие политики за да можат да се искористат тие средства за реконструкција на нашите патишта и како и сите граѓани што плаќаат за тоа, да плаќа и оваа категорија граѓани“, подвлече министерот за финансии.
Македонските таблички - европско прашање СОФИЈА - „Прашањето со бугарските регистерски таблички на автомобилите во Македонија ќе стане европско прашање“, изјави заменик-претседателот на ВМРО, Ангел Џамбаски, за новинската агенција „Фокус“.
„Би било многу интересно да се направи обид да се спречат граѓаните да возат возила купени во соседна земја, тоа би било од голем интерес за европските институции“, смета тој. Според неговите зборови, ова прашање станува потематско со истекувањето на крајниот рок што го даде Владата во Скопје за пререгистрација на моторите возила. (Фокус)
|