ПОГЛЕД

Монструмот во УБК

Оливера Војновска

Законот за внатрешни работи ненадејно беше симнат од собраниска седница и тоа пред самото финале во парламентот, за што не беше презентирано некое посебно образложение. Власта се реши на ваквиот потег откако текстот ги помина сите фази и стаса до второто читање.

Претходно се оглушуваше на критиките од опозицијата (која, исто така, бараше повлекување на законот), експертската јавност, ОБСЕ. Според најавите, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, уште во текот на денешниот ден ќе ги слушне мислењата и сугестиите на координаторите на сите пратенички групи.

На што се должи ваквиот пресврт и колку власта е вистински подготвена да се стават аргументите на маса за да се подобри текстот на законот? Или, можеби, сепак, повеќе се работи за договор меѓу владините коалициски партнери. Ако се знае дека и ДУИ имаше забелешки на законот, особено во делот што го регулира напредувањето во кариерата.

Главните забелешки на опозицијата беа за пензионирањето на над 2.000 лица по основа на работен стаж (како можност за пресметка со политичките неистомисленици), но и за концентрацијата на моќ во тајната полиција. Беа искажани стравувања дека Управата за безбедност и контраразузнавање останува без цивилна контрола и може да се претвори во „монструм“.

Завчера власта одеднаш призна дека законот не бил совршен. Владата сега ги има сите инструменти во свои раце. Во оваа ситуација само таа може амандмански да влијае на текстот на законот. Така што набрзо ќе се види какви и' биле вистинските мотиви: да се откаже од „монструмот“ во УБК или да интервенира козметички и барем за кратко да го смири коалицискиот партнер ДУИ.