Државните службеници под голем политички притисок

Миркица Поповиќ



Македонските државни службеници имаат најмногу поплаки до Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), веднаш по изборните периоди.

Во првите шест месеци од 2009 година забележани се 970 обраќања на членовите на ССМ до УПОЗ за правна помош и заштита, во 2008 година имало 935, додека, пак, во 2007 година непосредно по изборите во 2006 година имало 1.478 обраќања за помош.

Според генералниот секретар на УПОЗ, Пецо Грујоски, годинашните податоци што го опфаќаат и периодот по локалните и парламентарните избори се уште еден показател дека политичкиот притисок е еден од најголемите виновници за стрес на работното место во јавната администрација. „Изминативе две години карактеристично е што имаме исклучителни притисоци не само врз раководството на синдикатот, туку и врз обичните членови за да се откажат од синдикатот, за работодавците да можат полесно да ги остваруваат своите цели“, изјави Грујоски.

За политизацијата на јавната администрација нашата држава беше критикувана и во извештајот на Европската комисија за напредокот во 2008 година, потенцирајќи дека Агенцијата за државни службеници треба да ја засили својата улога во надзорот на процесот на вработување. Според вториот извештај на Македонскиот центар за европско образование, Агенцијата се' уште нема механизам за обезбедување законитост и регуларност на одлуките за вработување и промоција.

Најголемиот број обраќања се однесуваат на повреда на синдикалните права, како несогласување околу колективни договори, необезбедени соодветни технички услови за работа на синдикалната организација, дискриминаторски однос кон претседателот на синдикалната организација и обичните членови. Статистиките на УПОЗ велат дека во 2007 година имало 562 обраќања за оваа проблематика, додека во 2008 година - 256.

Големи проблеми се појавуваат и при отказ од лични и од деловни причини.

Според УПОЗ, ситуацијата со кршење на синдикалните права е загрижувачка во Царинската управа. „Најдрастично и најбезобразно се прекршени синдикалните права и слободи“, вели Грујоски. Тој најави дека ќе се поднесе кривична пријава против директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, штом ќе заврши постапката за собирање податоци и изјави од вработените во Царинската управа. За оваа постапка е известена и Светската синдикална организација, која го известила УПОЗ по писмен пат оти ќе реагира до македонската Влада. Засега нема коментари за овие најави.

Покрај заштитата на синдикалните права и заштитата од политички притисоци, УПОЗ материјално ги помага своите членови и преку солидарниот фонд, формиран во 2007 година.

Податоците на солидарниот фонд, исто така, укажуваат дека изборите влијаат негативно на државните службеници, преку бројот на оние кои по изборите најмногу одат на боледување на над 90, 100 и 120 дена. „Како синдикат не' загрижува фактот дека порано нашите членови бараа материјална помош за боледување до 50 дена, додека сега барањата се за повеќе од шест месеци“, вели Грујоски.

 


#