15.03.2012, 17:09

Кој е Македонецот што дивееше во Базел

Дваесет и седумгодишник побегна од психијатриска болница, со автомобил усмрти велосипедистка и повреди осуммина

Швајцарија е во шок по двете трагедии што ја погодија неделава. По автобуската несреќа во која загинаа 22 деца, тамошната јавност е вџашена од инцидентот во Базел, каде што македонски државјанин откако побегна од психијатриска болница, украде автомобил и се заби во толпа народ. Настрада 46-годишна жена, а осум лица се повредени.

Кој е 27-годишниот напаѓач со македонско потекло? Што го предизвикало инцидентот? Можел ли да биде спречен? Тоа се прашањата што ја мачат тамошната јавност.

Идентитетот на момчето не се соопштува. Медиумите пишуваат дека станува збор за македонски државјанин, кој израснал во Швајцарија. Бил пациент на Универзитетската психијатриска клиника во Базел од 2008 година. Една година предходно бил осуден на шест месеци затвор поради нанесување лесни повреди. Најпрво бил однесен во затвор, но набргу било констатирано дека станува збор за психички болна личност.

Според законот, болните од параноидна шизофренија и нарушување на личноста не се сметаат за јавна опасност. Тој бил во затвореното одделение за криминалци: прво во одделението со средни, а потоа со пониски безбедносни стандарди.

„Всушност, во болницата нема оддел со висока безбедност“, пишуваат весниците во Швајцарија.

Бегството од одделот на третиот кат го извршил во вторникот во 18,15 часот. Ја соборил стажантката, го зел клучот и побегнал. Според главното медицинско соопштение, нема индикации за евентуално нефункционирање на клиничкиот персонал.

Нашинецот побегнал со трчање. Наишол на колона автомобили застанати на црвено светло. Влегол во „фолксваген пасат“, го истуркал возачот, возел со 60 км/час, на место каде што дозволената брзина е трипати помала. Покосил велосипедистка, газел се' пред себе. Кога немал каде, го оставил автомобилот и почнал да трча. Бил фатен од тројца полицајци. Бил крајно дезориентиран и имал исеченици по лицето, пишуваат тамошните медиуми.

Тие известуваат дека Македонците кои живеат и работат во Швајцарија се шокирани од неговиот испад. Докторите по судска медицина тврдат дека не забележале знаци што би сугерирале дека е подготвен за таков крвав пир. Сметаат дека човекот едноставно сакал да излезе од болницата. Последните информации говорат дека нашинецот бил многу потресен по инцидентот, бил конфузен, поради што е во изолирана просторија во болницата и го чува полиција. (Г.А.)