Бели чаршафи го прекрија нашето вино во Европа

Македонското вино масовно се повлекува од рафтовите на словенечките продавници

Александрија Стевковска


Се покрива со бели чаршафи, завеси, се крие под тезга. Ваква судбина го снајде македонското вино на рафтовите и во магацините на словенечките продавници, откако претходно беше „избркано“ од маркетите и во Германија. Причината е притисокот што го прави Грција врз своите цимери, земјите- членките на ЕУ, за да ја блокираат продажбата на македонско вино, бидејќи на нивните етикети е напишано името „Македонија“, како географски регион од кој тоа потекнува, а на секое шише со вино мора да биде наведен регионот на потекло.

Производителите се во паника, не знаат како ќе го преживеат овој нов удар врз нивниот бизнис. Се борат за опстанок. Бојкотот на европските трговци ќе ја десеткува продажбата на овој значаен македонски извозен производ, претходно сотрен од кризата. На винарниците црно им се пишува доколку притисокот на Грција за забрана за продажба на македонско вино, освен врз Германија и Словенија, се прошири, а сите елементи говорат дека грчката игра на забрани ќе ја заиграат и другите членки на ЕУ, иако тоа претставува кршење на сите правила што самата Унија ги наметнува.

„Повлекувањето на македонското вино од продажба во Словенија докажува дека Грција не само што не престанува, туку и ги проширува притисоците врз земјите-членки на ЕУ за тие да го бојкотираат овој наш производ. Она што не е в ред е тоа што овој притисок практично премолчно го поддржува и ЕК, иако ова претставува кршење на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и сите протоколи што ние ги имаме потпишано со заедницата“, тврди заменик- министерот за земјоделство, Перица Ивановски.

Според него, вакво нешто не е дозволиво во услови кога Македонија се' уште го договара Протоколот за вино.

„Овој договор се' уште не е потпишан, поради спротивставувањето на Грција за користење на регионот Македонија кај македонските вина, како географска одредница за потекло на виното, иако тој регион опфаќа поширока област од територијата на Република Македонија. Грција сите ги уверува дека таа има ексклузивно право за користење на терминот Македонија“, објаснува Ивановски.

Тој вели дека македонската страна прави се' за да го реши проблемот, на највисоко ниво, во Брисел. Откако се почнати обидите на Грција да издејствува забрани за продажбата на вина со декларирано географско потекло од Македонија, од Министерството за земјоделство преземаат и конкретни чекори. Побарана е средба со надлежните од Европската комисија за надминување на проблемот.

Идејата е терминот „Македонија“, кој Грција го заштитила во ЕУ уште во 1989 година, да се употребува како хомоним за двете страни, без какви било рестрикции и со јасно дистанцирање на државата од каде што се произведува виното. Јужниот сосед се повикува на европската регулатива, според која, „вината од грчкиот регион на Македонија биле признати како вина со заштитени географски податоци“.

„Ставот на Европската комисија е многу ригиден и потврдува дека терминот ’Македонија‘, иако во ЕУ е заштитен како ’Македоникос‘, е резервиран само за производите што доаѓаат од Грција“, вели Ивановски.

Доколку не се најде соодветно решение последиците би биле многу неповолни.

„Ако се остане цврсто на ставот дека Грција го заштитила името, во тој случај, освен производите на кои е означено географското потекло, не ќе можат да се извозуваат ниту трговските марки на кои се спомнува Македонија“, објаснува заменик-министерот за земјоделство.

Дознаваме дека Грција долго време „ја варела“ Словенија да го исфрли од промет македонското вино. Последното нешто бил писмениот допис до словенечкото Министерство за земјоделство, со кој Грција побарала да не се дозволи пласман на вина со географско потекло од Македонија.

Пред Сл��венија, и во Германија беше забранета продажбата на висококвалитетни вина во шише од Македонија. Токму Германија е најголем увозник на македонски вина, на чиј пазар годишно се продаваат 33 милиони литри вино. (А.С.)


#