30.12.2011, 11:04

Цената на билетот за новогодишниот концерт достигна 9.392 евра



Три дена пред концертот на Виенската филхармонија, два билета за партер се продаваа 18.784 евра што е 9.392 евра по билет или десетпати повеќе од првичната цена

Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија со кој традиционално Австрија влегува во новата година и чиј телевизискиот пренос го следат милиони луѓе ширум светот, е еден од најскапите музички случувања во светот затоа што овие денови цената на билетот достигна астрономска цена.

Три дена пред концертот, два билета за партер се продаваа 18.784 евра што е 9.392 евра по билет или десетпати повеќе од првичната цена, а влезници за толку пари можат да се најдат на интернет сајтот viagogo.de.

Тука се нудат и билети за галеријата, кои чинат 7.380 евра.

Билетите за познатиот виенски новогодишен концерт се распродадени една година однапред, а оригиналната цена е од 30 до 940 евра.

Меѓутоа, пред самиот концерт билетите достигнуваат астрономска цена затоа што мал број љубители на класичната музика се подготвени да ги препродадат своите влезници.

За 700 билети колку што има место за концертот, секоја година се пријавуваат околу 60.000 љубители на музиката.

Виенската филхармонија со лотарија одлучува кој може да купи билети за новогодишниот концерт.